На 10 август (сабота), во градината на кафулето „P_inn“ во Старата скопска чаршија, со почеток во 21 часот ќе се реализира промотивен музички настан по повод 5 години активно делување на лејблот за електронска музика ПМГ Танц Дигитал (PMG Tanz Digital).
„PMG Tanz Digital“ се јавува како одговор на потребите за регистрирање, издавање и промоција на новиот автентичен и квалитетен израз на македонските електронски музички автори. Оние, чија музика се карактеризира со оригиналност и звук кој пулсира и парира на актуелната светска електронска продукција.
Како курирана музичка платформа основна од Мирко Попов и Андреја Салпе во 2019 година, во своето петгодишно постоење бележи 23 музички изданија, регистрирани на бендкамп платформата -https://pmgtanzdigital.bandcamp.com/.
„PMG Tanz Digital“ произлезе од работата на дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“, како специјализиран лејбл кој ги регистрира современите електронски музички текови, со фокус на домашни музички автори и им обезбедува платформа за поширока видливост и промоција.
Изданијата имаат голема посетеност и интерес и кај домашната, и кај странската публика. Освен со издавање музика, „PMG Tanz Digital“ има континуирана активност во организирање бројни промотивни музички настани, програми и клупски вечери.
Настанот ќе се одбележи со електронска музичка програма во „P_inn“ во Старата скопска чаршија. За првпат со соло настап во живо ќе се претстави Андреја Салпе, еден од најквалитетните електронски музички продуценти од новата генерација. Неговата музика освен за ПМГ Рекордингс и „PMG Tanz Digital“ е издадена и за странски дискографски куќи, а неговата потреба за креирање современ електронски звук е присутна и во работата, како дел од музичко-поетскиот проект „Поетроника“. Во рамки на програмата со диџеј сет ќе се претстави и Виолета Качакова.
Нема коментари