Големото враќање на плетивото во модата предизвика креирање на нови шик комбинации кои содржат џемпер, кардиган или долг плетен фустан. Плетените и волуменозни џемпери станаа омилено и задолжително парче во студените месеци, со практична улога да нè стопли, но и модна да го подигне нивото на нашиот изглед. По новите стилски правила плетените џемпери може да се комбинираат скоро со сè (со плисирано здолниште или со килотки), а за овие декемвриски денови предлагаме да носите дебело плетиво во форма на ролка.
Минатиот месец актуелни беа ролките од потенок материјал, со наближувањето на зимските денови, ќе ги замениме со плетени модели. Ако ги следите модните медиуми ќе забележите дека познатите трендсетерки сакаат да носат бели, црни или сиви ролки, но неретко ќе видиме и поинтензивни бои и шари. Често се дел од стилот на Оливија Палермо и Викторија Бекам, а последниве сезони една фоторафија од уличната мода многу е споделувана затоа што убаво го илустрира трендот на ролки – црвен, дебел и волуменизиран џемпер, во спој со фармерки, чизми до глужд и капче со пуфка, како непретенциозен, но модерен начин како да носите плетен џемпер.
Начинот на кој се комбинираат ролките повеќе не е само спортско-лежерен и практично-топол, туку плетените широки џемпери ги гледаме и во споеви со плисирани, светкави и здолништа на преклоп, а понекогаш и со свечени килот-панталони за да се оствари поинаков елегантен изглед. Ролките успешно се вклопуваат и во урбнани комбинации, минималистички или рокерски стајлинзи, со џинс или кожени панталони. Сезонава популарните „хајстрит“ брендови како „Манго“, „Зара“ и „Бершка“ епонудија широк избор на плетени ролки, кои може да ги набавите и комбинирате во ваш стил.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари