Карл Лагерфелд и „Фенди“ соработуваат долги 50 години, сега за првпат претставија колекција на висока мода за италијанскиот бренд во рамките на актуелната париска модна недела. Колекцијата е комплетно од крзно, што навистина ги налути членовите на организацијата за заштита на правата на животните ПЕТА и воопшто љубителите на животни. Наречена haute fourrure, што е кованица од haute couture (висока мода) и fur (крзно), колекцијата содржи 36 аутфити од луксузно крзно, кое многу често е употребувано како материјал за моделите на „Фенди“. Лагерфелд неколку пати се одбранувал од критиките за вметнување на крзно во колекциите на „Фенди“, но на вчерашната ревија брендот претстави најекстравагантно и најобилно користење на крзно досега. Активистите на ПЕТА беа информирани за концептот на ревијата и реагираа со протест пред Театарот Шанзелизе, каде што се одржа ревијата, а обезбедувањето се потруди некој од протестантите да не влезе внатре и да не направи драма на пистата. Дилемата за или против крзно трае одамна во модата, но во ситуација кога сè повеќе се подига свеста за заштита на околината и животните, дизајнерите секако може да најдат поетички начин за создавање мода и крзното да го заменат со еколошка ткаенина.
Нема коментари