За правилна и целосна заштита на кожата во лето важно е да изберете соодветен крем со УВ заштита и да ги познавате својствата на кожата и нејзината чувствителност на сонце. Прво и основно правило за заштита од штетните сончеви знаци е дека периодов никаде и никогаш не смеете да одите без да се намачкате со соодветен крем со заштитен фактор. Заборавете на безбрижно сончање, избегнувајте солариум и заштитите се со висок фактор кога шетате низ град или на планина, дури и додека се возите во автомобил. Од 12 до 16 часот, кога УВ индексот во текот на летните месеци е највисок, изложувањето на сонце треба да се сведе на минимум, особено ова важи за децата. Во текот на целиот ден важно е да се нанесува средство со заштитен фактор, во интервал на секои два часа, по можност и почесто. Оние кои поради работа или некои други обврски мора да излегуваат во тој период, се препорачува да носат лесна и светла облека.
Зошто да внимаваме на заштитата? Прекумерното изложување на сонце и на штетните ултравиолетови зраци (УВ) ја зголемува можност за заболување од меланом. Затоа сериозно сфатетете ја заштитата на кожата со соодветни креми и лосиони со висок заштитен фактор.
Заштитен фактор (SPF) е ознаката која означува колку време може да поминеме на сонце со некое заштитно средство без кожата да ја изложиме на оштетување. Колку е повисок заштитниот фактор, толку е поголемо неговото заштитно делување. Исто така треба да се напомене дека SPF ознаката дава приближни вредности, постојат и други фактори кои влијаат на безбедноста при сончање, како на пример типот на кожата, својствата на производот кој се користи и атмосферските услови. Секоја кожа има различни карактеристики, или припаѓа на одреден фототип. Затоа, за правилна и целосна заштита исклучително важно е да се знаат својствата на сопствената кожа и нејзината чувствителност на сонце. Знаејќи го ова, не само што ќе знаеме колку време смееме да поминеме на сонце, туку и кое средство да го избереме. Предлагаме да користите средства со SPF 50, или минимум SPF30 и особено да бидете внимателни во првите денови на сончање додека сте на летување. Кремот се бира во согласност со бојата на кожата, колку е тенот посветол толку треба да има повисоко ниво на заштита.
Исто така следете го УВ индексот – УВ 1 и 2 е ниска опасност, најопасно е кога индексот е 11 и повеќе.
УВ 1, 2 – низок ризик: Повеќето луѓе можат да бидат изложени на сонце подолго од еден час и да не добијат изгореници и за заштита е доволно да носат очила за сонце. Потребна е претпазливост за доенчиња и за луѓе со исклучително чувствителна кожа
УВ 3, 4, 5 – умерен ризик: Се препорачува да се носат очила за сонце, капа со широк обод и да се користат заштитни креми. Покрај тоа, луѓе со многу чувствителна кожа и малите деца во перидот од 12 до 16 часот треба да останат под сенка и да носат лесна облека со долги ракави, бидејќи можат да добијат изгореници за само 20 минути изложеност на сонце.
УВ 6, 7 – висок ризик: Се препорачува престој под сенка во текот на денот, носење на очила за сонце, капа со широк обод и задолжително користење на заштитни средства. Луѓе со чувствителна кожа и малите деца дури и не треба да бидат излезени помеѓу 11 и 16 часот, најдобро е во тој дел од денот да престојуваат во затворена просторија и да избегнуваат плажа и прошетки, бидејќи многу лесно можат да добијат изгореници.
УВ 8, 9, 10 – многу висок ризик: На сите им се препорачува да се намали престојот на сонце помеѓу 11 и 16 часот и мора да бидат заштитени со очила за сонце, капи, облека со долги ракави и заштитни креми. Поединци со многу чувствителна кожа и децата можат да добијат изгореници за помалку од десет минути.
УВ 11 и повеќе – екстремна опасност: На сите им се препорачува да престојуваат во затворени простории помеѓу 11 и 16 часот, како и максимална заштита. Поединци со чувствителна кожа и децата можат да добијат изгореници во помалку од пет минути.
Нема коментари