Неколкумесечното истражување, собирање, редење и потрагата по идеалната комбинација резултирала со нова колекција на скопскиот концептуален бренд „Преплет“, која ќе биде промовирана на 4 мај во Public Room. Перформансот „Одбери ја твојата идеална комбинација“ ќе почне во 21 часот и е од отворен карактер. -Помина долг период откако почнавме да ги бараме, собираме и редиме сите соодветни делчиња за да ја создадеме нашата идеална комбинација, односно нашата многу, многу нова колекција за овој многу нов период… Новата колекција содржи ексклузивни комплети составени од неколку производи меѓусебно поврзани на една иста тема на пример комплет за љубители на патувања, комплет за љубители на книги, за љубители на кафе, на готвење и слично. Целта која што сакаме да ја постигнеме со реализацијата на овој нов концепт е секој да може да си ја пронајде својата страст кон одредена работа и да му го олесниме секојдневието со нашите специјално дизајнирани производи на одредена тема. Секој комплет го обмислувавме со особена внимателност, посветеност и анализа за тоа кои се клучните работи кои би му користеле и значеле на еден авантурист, на еден готвач или љубител на книги. Токму поради тоа секој комплет ќе содржи различни типови на производи во зависност од темата и насловот кој ќе го носи истиот -велат креативките Викторија Ланговска и Магдалена Дилевска, кои стојат зад „Преплет“. Покрај продажната изложба, која што е составен дел на секој настан организиран од „Преплет“, овој пат сите посетители ќе имаат можност да проследат и еден многу интересен перформанс за кој соработуваат со поголема екипа на луѓе. Самиот перформанс ќе трае половина час. Низ него ќе бидат презентирани сите нивни нови производи и на тој начин секој ќе има можност да ја пронајде својата идеална комбинација од сет произвди кои најмногу ќе го дефинираат него како личност. -Овој пат фотсесијата за каталогот е планирана да се изведе на самиот настан, односно за времетраење на самиот перформанс. Овој настан ни е мултимедијален настан, ќе се случуваат многу работи наеднаш и на секој што ќе присуствува му ветуваме одлична забава. Перформансот ќе трае до 22ч, а потоа продолжуваме со музика и забава до 24 часот. На овој настан Викторија и Магдалена ќе прослават три години од основање на концептуалната етикета. Иако не им бил проритет роденденот, сепак, перформансот е убав начин да се одбележат успешните три години на „Преплет“, кој прерасна во препознатлив бренд за додатоци за домот, украси и подароци со уникатни пораки испишани на кирилица. – Многу сме среќни што навистина успеавме да стигнеме до тука и планираме да земаме уште поголем замав. Свесни сме за нашиот напредок и како дизајнери и како бизнисмени. Како што созреваме ние, созрева и „Преплет“ и навистина имаме многу големи планови и цели за во иднина-велат тие. (А.Н.)
Нема коментари