Денеска ве водиме на патување во маракешкиот луксузен хотел Royal Mansour, автентичен одраз на мароканската уметност и животен стил, уникатно кралско искуство и според експертите најдобриот светски хотел во марокански стил. Палатата во која е сместен хотелот е изградена по нарачка од кралот Мохамед VI, но функционира под самостојна управа. Royal Mansour нуди единствено кралско искуство и за најпребирливите патници, голема приватност за оние што ја посакуваат и врвна услуга.
Скриен меѓу градските ѕидови во стариот дел од Маракеш, опкружен со палмини дрва и фонтани, хотелот е замислен како медина во медина, содржи 53 двокатни ријади, сите индивидуално декорирани и сервисирани преку мрежа од подземни тунели. Секој ријад има барем една спална соба, дневна и внатрешен двор, а повеќето се со трпезарија за оние што ќе одбераат да нарачаат храна од трите ресторани во комплексот. На располагање имаат мароканска и француска храна, а оброците ги подготвуваат познати кувари, некои од нив со освоени мишелин-ѕвезди за врвен квалитет.
Она што одушевува се миризливите мавритански градини, опојните ароми на лимон и каранфил, бројните базени, луксузниот спа-центар и амамите за релаксација, прекрасните барови и ресторани, богатата библиотека, но најзначајна е изработката на секој детаљ од комплексот. Повеќе од 1.500 марокански занаетчии работеа не само на градбата, туку и на дрворези на ѕидовите и столбовите, геометриски мозаици од ситни плочки, масивни врати од кедар украсени со бронза, теписи од антилопска кожа, свилени завеси, панели од мермер резбарени да изгледаат како ситна тантела, кои особено доминираат во спа-центарот… Вниманието на деталите е беспрекорно. Донекаде е исполнета желбата на мароканскиот крал да изгради градба што ќе биде најубав пример на мароканска архитекура во светот.
Спа-центарот е уште едно неверојатно искуство во Royal Mansour, не само поради големината, туку и поради оригиналниот дизајн, мермерните подови, тантелната резба на сводовите и украсните детали во секоја од собите за третмани. Некои од собите имаат свои приватни тараси и базени за опуштање, а негата е со помош на органските козметички производи на Dr. Hauschka, потоа со производите на Sisley, Chanel и со марокански масла.
Нема коментари