Базен со златна површина, соби опремени со iPad и меки пењоари со лого на лав се само неколкуте декоративни елементи на новиот луксузен хотел во Сингапур, Sofitel So, во кој дизајнерски печат остави модниот креатор Карл Лагерфелд. Тој овде креираше соби и простории, но и останати детали како уникатен амблем со митскиот лав од сингапурската историја и кваки на вратите од хотелот чиј раскош е инспириран од францускиот дизајн од 19 век. Sofitel So има 135 соби и 6 луксузни апартмани, сите опремени со најновата технологија на Apple. Дел од оригиналниот концепт се и неколкуте ресторани, луксузниот спа-центар и колоритниот елитен бар на кровот од хотелот, позициониран покрај златен базен. Иако зградата во која се наоѓа хотелот е изградена во 1927 година, целосно е реновирана и адаптирана за најделикатните потреби на посетителите. Оние што ќе букираат соба во првите 100 дена од отворањето на хотелот, добиваат ваучер од 100 долари за ресторанот Xperience. Уште еден печат на Лагерфелд се белите кутии наречени BooKube, кои ги има во секоја соба и кои содржат дизајнирани картички на кои е испишана некоја мудра мисла на дизајнерот.
Нема коментари