Rue Monsieur Paris е француска компанија која нуди луксузен мебел и предмети за уредување на домот зад која стојат Македонецот Марјан Денков како уметнички директор, и Марчин Коковски. Во нивниот салон во Париз може да се најдат парчиња кои се внимателно селектирани од артизани кои употребуваат ретки техники, меѓу другото и дизајните на Марта Наумовска Грнарова од македонската компанија „Завар“. Токму нејзините креации може да се најдат во овој париски простор дизајниран од Денков, кој го најдовме на страниците на порталот Design Father. L’Appartement е нов простор кој на идеален начин ги претставува креациите на компанијата, а во него се мешаат монохроматски графички шари со богати детали. Просторот е со прекрасен поглед на Сена и на Ајфеловата Кула, што дополнително овозможува уникатно визуелно задоволство. Низ него може да забележиме син рачно изработен килим од Classic Rug Collection Company, масичка од Moonlight Kaleidoscope, и ноќна гонзола од Midnight Gallery, направена од мермерни парчиња распоредени на дрвена површина со помош на техниката интарзија, предмет прогласен за најдобар на последниот саем на Maison&Objet од страна на AD Spain и ELLE Decor. Во малата работна соба се наоѓа масата the T table by Dsignedby, добитник на злато на A Design Award 2015. Во L’Appartement има необични предмети за осветлување, завеси со графичка шара и црни врати. Како што наведува авторот на Design Father, дури и радијаторите се направени по мера и дизајнирани специјално за просторот од страна на „Завар дизајн“ – уникатни фигури инспирирани од монументални социјалистички и скулптури и катедрални органи. Овој проект на Rue Monsieur Paris се најде и на страниците на италијанското издание на Marie Claire Maison за декември 2015- јануари 2016.
Нема коментари