Во последниве две децении во модниот свет се случи ревитализација на старите париски ателјеа, некои основани во првата половина од минатиот век, преку ангажирање на дизајнери како креативни директори кои не само што повторно ги поставија на светската модна мапа, туку и го вратија стариот сјај на подзаборавените модни имиња и направија своевидно ребрендирање. Ова најдобро го илустрира растот на „Гучи“ багодарение на Том Форд, она што Марк Џејкобс го направи за „Луј Витон“ воведувајќи линија за облека, успешното работење на Никола Гескиер кај „Баленсијага“… Сега да се фокусираме на неколку од модните кужи кои ги носат имињата на своите славни основачи, и ќе ги погледнеме нивните нови колекции за есен-зима 2014/15 прикажани деновиве во Париз.
ЛАНВИН
Еден од најомилените дизајнери Албер Елбаз на чело на брендот „Ланвин“ е 13 години и за тоа време успеа модната куќа основана од легендарната Жан Ланвин а ја искачи на врвот на модниот Олимп. Неговиот стил е препознатлив, а облека забавна дури и кога во неа преовладува мрачно расположение, како што е случајот со оваа последна колеција. По минатосезонскиот акцент на металик-облеката, Елбаз сега предлага темна палета на бои, парчиња со нагласен волумен и задолжително украсување со впечатлив накит.
Ревијата започнува со драматични модели од твид, здолништа со бујни карнери и шапки со реси, потоа шоуто се развива со кожни фустани, костими со нагласена половина и широки фустани украсени со монистра. Елбаз исто така нуди неколку модни решенија од крзно, како гломазни палта и луксузни столи.
БАЛЕНСИЈАГА
Со третата колекција на Американецот Алекандар Ванг за модната куќа основана од Шпанецот Кристобал Баленсијага многу поодлучно се позиционира како успешен играч за брендот и достојна замена за претходниот креативен директор на куќата, Никола Гескиер. Ванг сега претстави модерен гламур преку заоблена силуета во облик на кожурец, обилна употреба на патенти, парчиња кои се микс на кожа и плетенина, луксузни сиви џемпери со прекршена форма, спортски референци интерперетирани на луксузен начин. Ревијата ја затвори славната Жизел Буншен облечена во панталони со висок струк околу кој е формиран 3-Д детаљ и горен дел украсен со светкави елементи околу вратот. Супермоделката изгледаше како воин од иднината.
Брендот познат и по статусните чанти, сега преку Ванг предлага нови модели кои наликуваат на хартиена шопинг-кеса, ама се направени од луксузни материјали. „Ми се допаѓа идејата за едноставна шопинг-кеса направена од крокодилска кожа“, изјави дизајнерот по ревијата.
БАЛМАН
За модната куќа основана од Пјер Балман во 1945 година креира младиот Оливие Рустенг. Додека минатата сезона инспирација најде во стилот од 90-тите години, Рустег во колекцијата на „Балман“ за следната есен претстави помодерен пристап со племенски влијание преку тесни здолништа и јакни со нагласена половина инспирирани од милитаристичката облека. Кај блузите употребува пеплум крој, а ги комбинира со кожни панталони, нетранспарентни хеланки и здолништа со животински шари.
Дизајнерот обрнува големо внимание на деталите и украсувањето, како на пример апликации од испреплетено јаже, чевли со потпетици од бамбус, гравури со сложени шари, додатоци како накит со племенско влијание, гломазни околувратници и обетки во облик на обрач.
КАРВЕН
Уште една париска модна куќа формирана во 1945 година од страна на Карвен Малет, повторно е актуелна последниве сезони. За „Карвен“ денес дизајнира Гилем Анри кој за колекцијата за есен-зима 2014/15 инспирација најде во надреалистичките и ексцентрични креации на Елза Скјапарели, но во далеку поедноставена верзија.
Анри претстави долги здолништа и волуменозни капути во јаки бои, детали од крзно и леопардов принт, а влијанието на Скјапарели и надреалистите се забележува во употребата на розовата боја, апликациите со мотив на рака и дадаистичките стрелки и колажи како принт на облеката.
НИНА РИЧИ
Креативниот директор на „Нина Ричи“, Питер Копинг, во минатата сезона ја истражуваше реинвенцијата на класичната машка кошула, но овојпат претстави исклучително женствена колекција која е кохезивна и на жената и’ нуди беспрекорна гардероба за различни пригоди од утро до мрак.
Денот со „Нина Ричи“ започнува со плетени ролки, јакни со крзно, здолништа над колена и елегантни капути, но како паѓа ноќта, треба да се преблечеме во свилени, сатенски и кадифени фустани, креации со тантела и цветен дезен, модели на фустани со нерамен раб и романтични вечерни тоалети. Инаку, Копинг креара за модната куќа основана далечната 1932 година од страна на Нина Ричи, Французинка родена во Италија.
РОШАС
Првата колекција на Алесандро Дел’Аква за куќата што го носи името на францускиот дизајнер Марсел Рошас, отвора нова страница во неговата кариера и во хронологијата на брендот. Дел’Аква акцент става на елегантни долги капути во пастелни бои под кои ѕиркаат слоеви на широки здолништа, сако со лежерен крој, потоа предлага широки двослојни здолништа, модели украсени со пеплум и светкави апликации, но и вечерни верзии на палта од светкави ткаенини.
Дизајнерот употребува доста бои, од пастелна палета па до потемни нинанси на бродо, сина и зелена, но највпечатлив беше клучниот моден детаљ – долги ракавици во розова, портокалова, тиркизна, сина и жолта. Овие последни не треба да се смешаат со обичните пластични ракавици за чистење…
Нема коментари