Карл Лагерфелд секогаш подготвува спектакуларна сценографија за своите колекции на висока мода за „Шанел“, овојпат манекенките облечени во креациите на луксузната модна куќа за пролет 2016 излегуваа од огромна модернистична куќичка за кукли поставена во париската Grand Palais. Гостите на Карл меѓу кои беа Кара Делевињ, Ана Винтур, Гвинет Палтроу и Дајан Кругер, чекореа по патеките покрај совршено поставен тревник, дел од замислената претстава за куќа со зен градина. А и во облеката се забележува, како што вели Карл „релаксиран зен став во модерен дух на денешницата“. Оваа колекција е најавена како прва еко-пријателска на „Шанел“, таа претставува дијалог на тема самоодржливост, а Карл соопшти дека дрвената конструкција од сценографијата ќе се реуопотреби по ревијата.
Во новата колекција на „Шанел“ почетната точка е силуетата, која е долга, со тесни здолништа, со должина до средината на листот и заоблени и пуфнести ракави. Боите се нијанси на беж, слонова коска, златна и сребрена, со повремена употреба на црна и темно сина. Лагерфелд потсети дека во 20-тите години, пред да го претстави малиот црн фустан, Коко Шанел беше позната како кралица на беж бојата. Дизајнерот нуди нови верзии на костумот од букле, цветен дезен и тантела, сатенски фустани без ракави, комбинации со панталони и светкави плаштови, и низа вечерни креации украсени со мониста, вез и ситни металик-апликации, во комбинација со плутени чевли, шминка што се состои од графички шари со црн молив околу очите и фризура која е микс на Шанел-кросан и стилот на Принцеза Леја.
Во ерата на технологијата, манекенките носеа мали торбички околу појасот, доволно големи да соберат телефон или таблет. Ревијата заврши со отворање на дрвените панели од куќата, откривајќи ги манекенките кои стоеја на трите ката, како во некоја модернистичка куќичка за кукли, а последниот модел, невестинскиот фустан, го носеше аргентинската манекенка Мика Арганараз. (К.Т.)
Нема коментари