Под мотото „поврзување“, деведесетина млади креативци од Македонија, Италија, Грција, Франција и Црна Гора воспоставија уметничка врска на познатиот торински саем за современа уметност, „Паратисима“. Првото издание на интернационалниот фестивал во нашата земја, викендов во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје, привлече неколку стотици љубители на современата уметност, моден и индустриски дизајн и независната музика.
Во импровизираниот уметнички лавиринт, поставен во денсинг салата на МКЦ може да се погледнат храбри и уникатни дела, фотографии, колажи и инсталации. Покрај уметничките поставки, во и надвор од МКЦ на програмата се музички концерти со изведувачи од Италија и од Македонија, моден акол со облека и накит, проекции на видеа, артистички перформанси, како и повеќе работилници и презентации. Концептот на „Паратисима“, да даде можност на сите автори да бидат прикажани без претходна селекција, се покажа како успешен и предизвикувачки, бидејќи на учесниците им беше дадена шанса да ги претстават своите идеи и креативност без цензура, онака како што ги замислиле. Вечевра во 21.30 часот ќе бидат објавени селектираните 10-тина автори кои што ќе имаат можност да ги прикажат своите дела на „Паратисима“ во Торино, во ноември, 2014 година.
Посебно внимание привлече модниот агол, каде што се претставија повеќе брендови и дизајнери на накит и облека. Меѓу нив беа Емилија Дамјановиќ (Еми Норис), Mei Ro, „Алка“, Калина Брајковска, Мелани Димитровска, Acid Wear girls, како и Glass painting by Ana и Игор Путевски. Еми Норис на уникатен начин, на грамофонски плочи поставени на подот, ги имаше претставено своите парчиња накит. Понуди ѓердани направени од плексиглас и метал, најголем број од нејзината нова колекција “Во женски клуч“.
Зад брендот на уникатен накит Mei Ro стојат Сандра Јовановска и Маја Стојковска, кои изработуваат накит од електронски отпад. Тие одушевија со несекојдневните обетки и брошеви направени од рециклирани метални елементи од стари компјутери, часовници, фотоапарати и други предмети, на кои им дале нов изглед во вид на мини машина за пишување, грамофонски плочи, сет си иглии слично.
„Алка“ преставува проект што поврзива три дизајнерки на накит кои користат различни техники и материјали во изработка на накит од мониста, бакар и сребро.
Калина Брајковска се претстави со колекцијата на облека, „Дома“, која ги разработува процесите на раѓање, смрт и повторно раѓање…откривањето на духовни длабочини. „Дома“ ја претставува утробата на Мајката Земја, синоним за глобално чувствои сигурност, љубов, топлина и слобода, која ни овозможува да талкаме и сонуваме пред да се вратиме дома.
Младата дизајнерка Мелани Димитровска ги изложи своите минималистички парчиња облека и додатоци, кои имаат футиристички печат и геометриски пристап.
Сандра Петкова, која стои зад познатиот бренд за улична мода, Acid Wear girls, во своето креативно катче понуди креации од неколку колекции. Ведриот дух на креаторката се пресликува на креациите, кои не само што се разиграни со шари и тонови, туки имаат и динамична форма.
Glass painting by Ana престави рачно изработени витражи, а Игор Путевски понуди уникатни светилки: ламби и лустери.
На настанот Stylist.mk е официјален медиумски партнер за модната програма. Тимот на Stylist.mk во рамките на саемот организира изложба, работилница и проекција на видеа.
„Паратисима Скопје“ е проект на Граѓанското здружение за промоција и поддршка на културата „Континео 2020“, во соработка со партнерската организација YLDA (Young People for Local Development Association) од Торино, а реализиран со финансиска поддршка од Стопанска комора Торино и институционална поддршка од Младинскиот Културен Центар, Град Торино и Град Скопје.
Фото: Stylist.mk
Нема коментари