Со широки ногавици и со голем врзан ремен кој ја дефинира половината, моделот панталони наречен paper bag е актуелен неколку сезони, а според модната понуда ќе ги носиме и оваа пролет. Карактеристични по тоа што се врзани во горниот дел и изгледаат како згужвана хартиена кеса, овој крој на панталони ѝ ласка на силуетата, го нагласува струкот и ја издолжува силуетата. Најчесто со широки ногавици, овие панталони нудат и посебна удобност и лежерност што ги прави уште повеќе совршени за новата сезона.
Играта со волумен и силуета, набраноста на пролетните ткаенини и редефинирањето на класичната силуета ја има и во моделите панталони што се дел од новите колекции на Zara, Mango, Massimo Dutti, Stradivarius, кои може да се најдат и кај нас.
Овој модел на панталони малку нè потсетува на стилот и силуетата на 80-тите, а во последните сезони повторно се враќа модата од оваа ера. Овој paper bag детаљ на панталоните исто ја обликува силуетата на начин на кој на сите жени им одговара, бидејќи го стеснува струкот и ги сокрива несаканите делови од телото. Затоа може да ги носат скоро сите жени, без разлика на нивната градба.
Во однос на комбирањето најсигурна варијанта е да се носат со горен дел со потесен крој за да се постигне балансирање на силуетата. Ама добро стојат и со широки блузони, летни кошули, блузи со интересен крој или со карнери, некогаш и со ролка. Зависно од должина и тоа дали се долги или со килот-крој, може да се изберат различни обувки – сребрени чизми до глужд, ниски чевли, салонки со V-изрез, сандали или патики.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари