Пред десет години Палома Фејт работеше како продавачка во бутик на брендот за долна облека Agent Provocateur, денес е позната пејачка и се појавува во новата рекламна кампања на истиот бренд. Некогаш ги служеше клиентите, сега е заштитно лице на луксузниот бренд. Палома пред една деценија, додека била на магистерски студии по театарска режија на престижниот Сент Мартинс, три години работела во бутикот на Agent Provocateur на улицата „Бродвик“ во лондонскиот кварт Сохо. Новата кампања ја фотографираше Алис Хокингс, и е инспирирана од полароидите што своевремено ги направила фотографката кога и самата работела како продавачка во Agent Provocateur.
Во текот на трите години додека Палома работела во продавница, често ја служела Френ Катлер, позната како ПР експерт и блиска пријателка на Кејт Мос. „По некое време ме праша со што се занимавам надвор од продавница и ѝ кажав дека пишувам песни и дека настапувам во клубови и пабови. Ми договори да се сретнам со пвиот човек на Virgin Record, кој подоцна ме запозна со мојот менаџер. Неговата прва реакција беше ‘Твоите песни се ужасни, но имаш брилијантен карактер’“, се потсетува Фејт за почетоците на својата музичка кариера. Таа исто така нагласува дека работата во Agent Provocateur e единствената работа што ја имала покрај онаа како пејачка, и дека тие години поминати со брендот ја оформиле како личност.
Нема коментари