Брендот за накит Oxette ја поддржува кампањата на здружението „Борка“ во борбата против ракот на дојка со дел од заработените средства од продажбата на своите производи.
Во рамки на хуманитарна кампања „Затоа што сите веруваме” која траеше на летните месеци од продажбата на секој производ од брендот Oxette се донираа 2 отсто за хуманитарни цели. Кампањата имаше за цел зголемување на свесноста за ракот на дојка и собирање на средства кои потоа ќе бидат искористени за поддршка за жените кои се бораат со оваа болест.
-Бескрајно им благодарам на потрошувачите на Oxette кои во изминатите три месеци купуваа во нашите продавници и со тоа донираа за оние на кои навистина им е потребна поддршка. Оваа кампања е доказ дека хуманоста постои, само треба да ја поттикнеме- изјави сопственичката на на Oxette, Елена Јанкоска, на денешната неформална средба со медиумите.
Претседателката на здружението „Борка“, Биба Додева истакна дека во земјата бројот на заболени од рак на дојка е во постојан раст. Новата статистика во Македонија покажува дека има 1.152 нови случаи со рак на дојка, за разлика од 2008 година, кога бројот изнесувал 750. Таа апелира за редовна контрола и лекарски прегледи со цел навремено откривање на подмолната болест. Потенцира дека ако навреме се открие болеста и соодветно се третира, можно е победа над ракот.
-Oxette треба да биде пример како една општествено освестена компанија треба да постапува. Се надевам дека ќе поттикне уште многу други да ја поддржат борбата со ракот. Од собраните средства ќе бидат купени десетина перики кои ќе ги доделиме на жени заболени од рак на дојка од социјално загрозени групи- вели Додева и во име на дружението „Борка“ се заблагодари за поддршката и интересот на Oxette и потрошувачите на нивната хуманост и желбата за зголемување на свесноста за ракот на дојка.
Нема коментари