Првото издание на фестивалот „Недела на излозите“ (Window Displays Week Festival – WDW Movement) започна вчера вечерта во центарот на Скопје и ќе трае до 17 декември. На отворањето на фестивалот, што се одржа на терасата на ресторанот Пелистер на плоштадот Македонија, присуствуваа бројни гости од бизнис и академскиот сектор, архитекти, професори, модни дизајнери, претставници од дипломатските претставништва, од медиумите, и многу други. Меѓу присутните беа и младите професионалци, архитекти и модни дизајнери, кои ги осмислија и реализираа излозите во рамките на фестивалот.
„Недела на излозите” е нов фестивал за креативност, современост и уникатност доловени преку излозите кои се естетски симболи на визуелната култура на градот. Фестивалот им овозможи на 25 млади модни дизајнери и архитекти со преуредување на неколку излози и еден пасаж, да го претворат центарот на градот Скопје во модерна галерија. Преуредени се излозите на: книжарницата Култура, часовничарот Хронометар, Театарот за деца и младинци, книжарницата Литература.мк, продавницата за чоколадо на швајцарскиот бренд Линд, и пасажот до книжарницата Литература.мк.
Основачи на фестивалот се модниот истражувач и уредник Кристина Глигоровска, архитектката Искра Јанковска-Михајловска и модната креаторка и професорка Лидија Георгиева, а е поддржан од Амбасадата на Швајцарија.
„Излозите се репер за естетската култура која што постои во градот. Среќни сме што успеавме да ги донесеме светските трендови во оваа област и што ја подигнавме свеста дека излозите практично се уметност“, истакна Глигоровска на отворањето на фестивалот. „Огромна е радоста од реализацијата на проектот кој на почетокот изгледаше како недофатна идеја. Прашањето кое нѐ мачеше беше како да ги споиме модните дизајнери и архитекти и од нивната соработка да произлезат уметнички дела. Одговорот беа излозите кои се всушност една отворена галерија на еден модерен град“, додаде таа.
Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада, во своето обраќање посочи дека Амбасадата на Швајцарија од 2017 година ги поддржува локалните уметности и културата во земјава. „Нашата главна цел е да создадеме позитивна клима за развој на силен и независен културен сектор и да поттикнеме професионализам, креативност и слободно уметничко изразување. Иновативниот проект „Недела на излозите“ им овозможи на учесниците да стекнат непроценливо уметничко знаење и искуство пренесено од реномирани ментори во секоја област,“ истакна амбасадорката Зутер.
Архитектката Искра Јанковска-Михајловска објасни дека проектот имал два циклуса, едукативен со три мастер класови и две работилници, и практичен кој всушност е изработката на креативните концепти за излозите и нивната реализацијата.
„Нас ни беше многу важно да им дадеме можност на овие млади професионалци, архитекти и модни дизајнери, да ги споделат своите вештини и да соработуваат. Тие секако работат во полето на уметноста и имаат различни видувања на истите нешта. Беше одлично искуство и голем предизвик да се спојат заедно. Очекуваме дека сопствениците на локалите ќе ја препознаат уметничка вредност на излозите и дека и понатаму ќе соработуваат со младите професионалци и ќе ги ангажираат за преуредување на излозите. Создаваме конкуренција за да може да го подигнеме нивото на визуелната култура на градот“, рече Јанковска-Михајловска.
Дизајнерката Лидија Георгиева рече дека тимот, младите професионалци и соработниците со голем ентузијазам работеле на проектот и неговата главна активност – фестивалот „Недела на излозите“.
„Ова беше едно прекрасно искуство. Резултатот е еден подарок за Скопје од младите модни дизајнери и архитекти, и од нас како нивни ментори. Сакајте го како што го сакаме ние, уживајте во делата на овие креативци чие време за професионално креативно изразување допрва доаѓа. А пасажот е поклон за цел град, чувајте го! Намерно го оставивме получист, полувалкан за да го препознаат“, рече Георгиева.
Партнери на првото издание на фестивалот се: центарот за дизајн и иновации „Јавна Соба“ во Скопје, Технолошко металуршкиот факултет во Скопје, Архитектонскиот факултет во Скопје и „МладиХаб“, односно Канцеларијата на Претседателот (на Рекорд), која ќе служи како инфо поинт на фестивалот каде што ќе може да се погледнат сите креативни концепти за излозите и ќе може да се подигнат информативни материјали за фестивалот.
Нема коментари