Уникатни парчиња облека, свечени креации, венчаници и елегантни модели дизaјнирани од младата креаторка Маре Трајковска од утре ќе може да се најдат во новото ателје „Матра“. Студиото, стационирано на ул.Аминта Трети 17 (Ленинова) на втор кат, ќе биде официјално отворено во 19 часот. Трајковска вели дека идејата за создавање на ова атекје тлеела подолго време.
-Го чекав вистинскиот момент, момент кога целото мое искуство и амбиција за работа беа доволни за ваков чекор. „Матра“ е студио за мода кое го сочинува тим на професионалци од областа на модата. Во студиото се изработуваат уникатни парчиња на облека, свечени креации, венчаници и елегантни модели. Соработката со една фабрика за производство на текстил ни овозможува по широк избор на дизајниран текстил, исто така им дава можност на клиентите да им изработиме мотив кој што ќе се аплицира на самата креација. На мое големо задоволство студиото е целосно опремено и спремни сме да одговориме на секој предизвик – вели Маре.
Во него ќе го преточи сето свое искуство како дипломиран моден дизајнер од катедрата на професорот Александар Ношпал, костимограф и асистент на неколку претстави во театар и менаџер за развој на прототипи во фабрика за лесна конрефкција во Софија, Бугарија. Креациите од нејзиниот бренд „Матра“ се наменети за иновативни авангардни и урбани дами, кои ќе се издвојат во својот уникатен изглед.
На неодамна одржаниот Саем за венчавки во Скопје „Матра“ ја претстави својата нова линија на невестински фустани.
-Главната инспирација на колекцијата е сликата Раѓањето на Венера од Сандро Ботичели. Жедниот дух за слобода и творештво на ренесансата е тоа што ме понесе во развојот на целата колекција, односно слободата и творештвото во развојот на крој, волумен,слоевитост и текстура, испреплетено со женственост и сексапил, со што се создаде магична и уникатна колекција која брои 15 модели, создадена од префинети материјали, изобилена од вез, бисеринеколку видови на чипка и рачни финеси. Љубовната магија на создавањето на ремек делото на Ботичели ме инспирираше да создадам магична и уникатна колекција преточена преку иновативни кроеви,спој на матријали со различна карактеристика, колекција која е романтична но сепак наменета за урбани дами за овековечување на најважниот ден од нивниот живот-вели таа. (А.Н.)
Нема коментари