Британското издание на Vogue годинава слави голем јубилеј и чествувањето започна вчера со модна забава по повод отворањето на ретроспективната изложба „Vogue 100: Еден век стил“ во Националната галерија на портрети во Лондон, на која се изложени фотографии објавени во познатото модно списание. Отворањето понуди совршена можност на едно место да се соберат голем број на фотографи, модели, уредници чија работа е составен дел од историјата на Vogue и личности чии фотографии се нашле на страниците на магазинот. Домаќини на вечерта беа Александра Шулман, главната уредничка на Vogue UK и Леон Макс од модниот бренд Leon Max, а меѓу гостите беа Дакота Џонсон, манекенките Ева Херцигова, Лара Стоун и Карли Клос, дизајнерите Кристофер Бејли и Питер Пилото, фотографите Мари0 Тестино и Јурген Телер, критичарката Сузи Менкес, Јасмин и Сајмон Ле Бон и други.
Поставката Vogue 100: A Century of Style што од утре, 11 февруари, ќе биде отворена за публиката, открива спектар на фотографии кои низ минатиот век биле нарачувани за магазинот, односно повеќе од 280 принтови од архивата на Condè Nast и од повеќе меѓународни колекции прикажани заедно за прв пат да ја раскажат приказната за едно од највлијателните модни списанија во светот. Повеќе за изложбата може да прочитате на следниов линк. (К.Т.)
Нема коментари