Минијатурен град на море, прстен-лавабо, брошеви – шолји за кафе со стисната желба, обетки-книги, интимно катче, аморфни тела и уште многу други приказни изрезбани од дрво вчеравечер ги одушевија посетителите на првата изложба на дизајнерот на накит Глигор Кузмановски во „Концепт 37“. Уште на влезот нè пречекаа позитивни коментари од гостите, кои ги фотографираа и пробуваа уникатните парчиња накит и скулптури од дрвото орев во комбинација со алуминиум, дел надополнети со боја, метал и стакло. Кузмановски, кој истиот ден го прослави својот роденден, ни изјави дека е изненаден и задоволен од посетеноста и позитивната енергија во „Концепт 37“.
„Дрвени приказни” претставува омнибус од повеќе приказни работени во последниве година-две. Дизајнерот на модни додатоци инспириран од многуте патувања, различните култури, времето, спомените и чувствата, во својата постановка опфаќа повеќе теми, кои се разликуваат стилски една од друга. По скопската промоција постановката „Дрвени приказни” ќе биде претставена во мултимедијалниот простор Le petit Canibaal во Валенсија, Шпанија.
Фото: Stylist.mk
Нема коментари