Под мотото „Живеј го својот сон“, во розов амбиент во хотелот „Александар Палас“, компанијата „Авон Македонија“ вчера ја одржа својата осма Национална конференција. Неколкучасовната манифестација, чии домаќини беа водителката Марјана Станојковска и актерот Сашко Коцев, беше исполнета со мотивациони говори, поттик на хуманост, промоција на нови производи, награди, балетски точки, хумор и модни ревии на етаблираните дизајнерки Антонија Ристовска и Росица Мршиќ .
Еден од најемотивните моменти на настанот беше приказната за храбрата Атина Саздова, која трипати се борела со ракот. Таа сега е активистка на здружението „Борка“, кое добива поддршка од „Авон“. И покрај тешката битка со подмолната болест, Саздова не ја изгубила волјата за живот, ведра, насмеана е инспирација за сите жени кои се борат со ракот на дојката. На конференцијата Специјалистката за односи со јавност и дигитална комуникација, Бисера Банова, ги откри новите иницијативи на хуманитарни кампањи на „Авон“, а потсети и на значењето на отворената линија 0800 55 777 , за поддршка на „Борка“ и битката со ракот.
Советничките за убавина на „Авон Македонија“: Антонија Ристовска и Росица Мршиќ ги преставија своите последни, пролет-лето 2014 колекции пред присутните делегатки и гости. Со колекција, наречена Art en Deco, Ристовска ја одбележа 20-годишнината од работење на нејзиното модно ателје. За инспирација отпатува во почетокот на минатиот век и се впушти да го истражува арт-деко стилот. Кроевите ја нагласуваат женственоста изразена во строги и во меки линии. Изразени се контрасти во комбинирањето на боите и материјалите. Во изработката применета е техника на Hand made подготовка пред машинско шиење. Стилски колекцијата е минималистичка и е во духот на 60-тите и 80-тите години. За колекцијата се изработени брендирани копчиња и парчиња накит.
Линијата, која Мршиќ ја промовира и на Модниот викенд -Скопје и на Српската модна недела во Нови Сад, го задржува нејзиниот препознатлив урбан модерен стил. Конструктивизмот, како авангарден правец во сликарството, фотографијата, дизајнот и архитектурата (што се појавил по Првата светска војна), бил основата од која тргнала позната модна креаторка во реализиција на својата колекција за пролет-лето 2014. Моделите се збогатени со избрани елементи од модниот стил на 80-тите години, а изгледот е заокружен со чевли со потпис на Мршиќ. Креациите, на двете ревии, ги носеа манекенки од агенцијата „Подиум“.
На националната конференција беа промовираниексклузивните новитети кои ќе се појават во брошурите до крајот на годината. Со симпатичен настап на водителите Сашко и Марјана ( која беше облечена како тенисерка), „Авон Македонија“ ги најави новиот парфем Avon Luck чие заштитно лице е познатата спортистка Марија Шарапова, новите креми од линијата на Anew – Anew Nutri Advance со потхранувачки комплекс и Омега 3, 6 и 9 масни киселини, како и богатата понуда за новогодишниот период. Беше најевено дека ова „Авон“ ќе биде официјален партнер за шминка на претстојното десетто издание на Моден викенд-Скопје, што ќе се одржи од 23 до 27 октомври.
Една од најголемите светски компаниии за директна продажба AVON, својата Национална конференција насекаде во светот ја одржува пред почетокот на четвртиот квартал, а на истата ги наградува најуспешните лидери и зонални менаџери од продажната структура, кои оствариле најдобри резултати за изминатиот период. (А.Н.)
Фото: Stylist.mk
Нема коментари