По Сингапур, Венеција, Мајами, Версај, Сен Тропе и Лос Анџелес како дестинација за организирање ревија, модната куќа „Шанел“ новата ресорт колекција ја престави во Дубаи, на специјално изградена сцена во вид на ултра модерен бедуински шатор на вештачкиот остров наречен токму Остров во луксузниот пустински арапски град. Карл Лагерфелд, креативниот директор на куќата, пред ревијата се пошегува дека со причина „највисоката“ мода ја претставува во градот на највисоката кула. Постои уште една поврзаност со Дубаи – бисерите како еден од препознатливите знаци на „Шанел“, а по кои своевремено бил познат градот.
Покрај ниските бисери како моден детаљ, Лагерфелд во колекцијата ресорт 2015 (може да се стертне и терминот cruse collection) прикажа романтична идеја на тоа како го замислува Ориентот во 21 век, но без елементи на арапски фолклор. Во колакцијата среќаваме лелеава силуета, слоевитост на облека, ткаенини нежни како газа, метализирани везови и интрикантни принтови. Дел од графичките шари се инспирирани од арапски подни плочки од 11 и 12 век, а дел од украсите за глава потсетуваат на иконографијата на Средниот Исток, што пак е омаж не само на арапскиот стил, туку и на Габриел Шанел и нејзината склоност кон ориентални ткаенини како златно ламе и комбинирање на туники врз панталони. Иако постојат референци на Ориентот, тие се модерирани и модернизирани.
Модната куќа „Шанел“ секогаш обрнува внимание на своите посетители, па така овојпат до конечната локација на модната ревија тие беа пренесени со помош на традиционален арапски брод наречен доу, а меѓу гостите беа забележани Тилда Свинтон, Фрида Пинто, Дакота Фенинг, принцезите на Кувајт и на Саудиска Арабија, познавачи од модната индустрија, амбасадори на „Шанел“ како Ванеса Паради и други личности од арапскиот социјален живот.
Нема коментари