Еден месец по промоцијата на својата колекција марами инспирирани од Фрида Кало, дизајнерката на модни додатоци и накит Маја Kузманоска најавува нова линија. Станува збор за новата колекција накит Treasure Box Jewelry, која ќе биде промовирана со онлајн изложба на 31 март (петок) на нејзината страница на Фејсбук- The Little Treasures Blog .
-Колекцијата е инспирирана од винтиџ накит, поточно- од моделите кои се носеле во 30-тите и 40-тите години на минатиот век. Колекцијата е составена од хеклани ланчиња, брошеви и прстени кои споени со бисери, текстил, тантела и метални додатоци како детали се обидуваат да го уловат духот на минатото време и да ја нагласат женственоста. Сите парчиња од колекцијата се романтични, нежни и елегантни и ќе направат секоја жена да се чувствува маѓепсувачки гламурозно и заводливо. Насловот има двојно значење. Во изработката се користени хеклани изработки од мојата кутија во која ги чувам малите хеклани цвеќиња или моето богатство како што милувам да речам, а второто значење е поврзано со и потсетува на накитот кои го носеле нашите баби и прабаби и кои некои од нас го имаат во наследство. Сите креаации ќе бидат веднаш достапни на нашиот сајт the-little-treasures.com-вели таа.
Објаснува дека се одлучила за онлајн изложба – „од едноставна причина што ќе биде достапна пред светот, ќе можат да јавидат повеќе луѓе, така да и по завршувањето на настанот, линковски ќе биде архивирана засекогаш и постојано достапна за прегледување“. (А.Н.)
Нема коментари