Модната куќа „Сен Лоран“ ја откри новата колекција за есен-зима 2016/17 во реставрираната париска палата од 17. век која послужи како модно ателје, пред повеќе гости и познати личности распоредени во неколкуте салони од палатата, меѓу кои и догогодишниот партнер на Ив Сен Лоран, Пјер Берже, и пријателките и музи на францускиот дизајнер, Кетрин Денев и Бети Катру. Со претставувањето на новата претапорте колекција која ја креира Хеди Слиман, повторно се актуелизира прашањето дали Слиман ќе остане во „Сен Лоран“ и дали ова можеби е последната колекција за куќата за која работи од 2012 година.
На вчерашната ревија манекенките кои ги носеа моделите од новата колекција се симнуваа по мермерните скали во раскошната палата на Левиот брег на Париз, облечени во микс на диско-облека, светкави припиени фустани и креации со предимензионирани ракави во духот на модата од 80-тите. Претставувањето наликуваше на модните couture презентации на Ив Сен Лоран, без музика и бавно чекорење на манекенките, а секој изглед беше коментиран од познатиот Бенедикт де Жинесту, човекот кој ги најавуваше сите креации на YSL од 1977 до 2002, годината кога беше затворена линијата на висока мода.
Со оваа колекција Слиман го остава препознатливиот гранџ-стил зад себе и прави светкава ода на големите раменици од диско ерата од 80-тите, а повеќето од 42-те комбинации содржат мини здолниште. Впечетливи се огромните крзени јакни во жар црвена и кобалтно сина боја, а преовладуваат и „шљокици“, везени мини здолништа, асиметрични и шпицести раменици, широки ремени и стајлинг финиширан со залишана коса и јака шминка која потсетува на времето на Њу романтикс. Оваа нова визија на Слиман како да беше враќање на изворната естетика на големиот Ив.
Нема коментари