Со целодневна забава во скопското кафуле „Љубов“ урбаниот бренд „Омајгад“, познат по своите шарени маички со написи испишани со кирилица, на 16 април (сабота) со почеток од 11 часот ќе ја промовира новата колекција за пролет-лето 2016.
-Во основата на „Омајгад“ идејата отсекогаш биле дружењето, добрите журки и урбаниот сленг – токму тоа е и инспирацијата за новата колекција, која со новите дизајни, натписи и бои само го потврдува името „Шаренила & Чудесии“- вели графичкиот дизајнер Гоце Велески, кој стои зад оваа етикета.
„Омајгад“ полека станува препознатлив симбол на скопската современа културна приказна, а нивните маици можеме сè почесто да ги сретнеме низ градските улици. После „Скопје“ едицијата, маиците со урбани натписи, дуксерите и маиците спакувани како пица, од „Омајгад“ најавуваат нови шаренила и чудесии за новата сезона пролет-лето 2016.
-Без разлика дали си излезен со девојката/дечкото, се журкаш со другарката или стварно си го шеташ мачето, оваа маица е апликативна во секоја ситуација и добар ‘конверзејшн-стартер’- вели Гоце Велески за првиот дизајн.
„Омајгад“ приказната во новата колекција продолжува со најава за жешко и лудо лето, прогнозирајќи дека ќе се топиме – било да е од топлото време, било да е од среќа и убавини.
Покрај „Еве лабаво со мачето“ и „Се топам“, кои се во виолетова, темносина и црвена, комбинирани со портокалова и жолта боја , летната колекција е збогатена и со два принта со препознатливиот „Факјеа!“ напис во зелена и пурпурна боја. Промоцијата на новата „Омајгад“ колекција ќе трае до полноќ, а од „Омајгад“ ветуваат „многу дружење лабаво со мачињата, топење од убавини, освежување со ладни пијалаци и шизење со музиката на DJ Vaso и Гоце (Омајгад)“.
Денеска во 14.30 часот тимот на „Oмајгад“ ќе го направи првото видео во живо директно преку фејсбук. Ќе може да се погледне во живо фотосесијата со познатиот тандем фотографи Ани и Дими.
-Бидејќи нема да има простор за сите да дојдете, обезбедивме пренос во живо од локацијата, така да ќе бидете први кои ќе ги видат дизајните во живо на нашите прекрасни модели Ангелина Блажеска (Angelina Euler) и Јанко Смилевски (Јан Ко Нен)-вели Гоце на крајот.
Нема коментари