Без разлика колку оди напред, какви ангажмани има и колкав успех постинува во кариерата, Олгица Ѓоргиева не заборава од каде почнала и кој ѝ ги дал првите шанси да се покаже на сцената. Модната недела во Битола е местото каде што, тогаш надежната дизајнерка од Радовиш, ги промовира своите први колекции. Иако поминаа повеќе години , зад себе има бројни колекции и учества на други модни настани, сепак секогаш ѝ се навраќа на Битола. Така е и оваа година. Вечерва во 21 часот во Салата за свадби во Центарот на културата во Битола таа ќе одржи ревија.
-Неколку години наназад, постојано сум гостин и учесник на овој настан. Публиката ме дочекува секогаш со една убава енергија, има вибрација што не е возможно да не се осети. Вечерва би сакала да имам добра презентација која, ќе успее да им го задржи вниманието на гостите и ќе успее кај нив да предизвика убаво чувство и уживање. Емотивно сум врзана и за Модната недела во Битола и за луѓето кои се дел од овој проект… Тоа се моите вистински почетоци и не сакам да го заборавам тоа. Секогаш на тој настан одам со почит и убава енергија-вели Ѓоргиева, чие ателје е логирано во центарот на Скопје.
Во Битола ќе се претстави со колекцијата Liberation (Ослободување) која премиерно беше прикажана на Модниот викенд-Скопје, минатата сезона.
-Сметам дека и битолската публика треба да добие прилика да ја погледне линијата. Ослободувањето во секаква форма е главна алка која ја поврзува целата колекција, дали тоа е преку линијата, деталите , материјалите или приказната… Иако скоро никогаш слепо не се водам според модните трендови, сепак ги пратам и ги вметнувам на различни начини, повеќе или помалку. Оваа колекција е составена од елегантни парчиња со прилично носива линија и модерна нота, тоа беше и идејата. Наменета е за жени со дефиниран стил, кој сакаат да изгледаат елегантно, а сепак да се издвојат од толпата-вели креаторката-вели таа.
Ѓоргиева пред неколку месеци направи линија наменета за бизнис-дами, наречена Unrestricted, во која како модели се појавина десетина познати успешни жени.
-Приказната од тој проект допрва почна да се развива и има доста заинтересираност за истата. Постојано има нови парчиња, кој ги работиме на принцип – онлајн-нарачка, се покажа како доста добра варијанта, затоа што клиентите добиваат дизајнерско парче за многу достапна цена. Во иднина се планирани повеќе проекти, различни, а сепак поврзани помеѓу себе. Меѓудругото секако и големо внимание ќе биде посветено за развој на овој проект.
Во моментов е посветена на неколку сектори поврзани со нејзината работа. Наредната недела најавува нешто ново.
-Ќе преставам интересен концепт и приказна, која верувам ќе ја заинтересира публиката. Со мојот тим сме посветени на индивидуалните нарачки, кои се доста актуелни во овој период од годината. Од септември, доколку сè е во ред ќе започнам со еден проект кој ќе биде нешто ново за мене, а во исто време ми е доста голем предизвик-вели таа.
Нема коментари