Модниот дизајн и креирањето костими за театар често се испреплетуваат, тоа добро го знае и применува нашата модна дизајнерка Олгица Ѓоргиева која повторно модните писти ги замени за театарските штици и неодамна изработи костимографија за балетската претстава „Пепелашка“ во Романската опера и балет во Букурешт. За оваа претстава искреира костими со модернистички израз, а повеќе за целиот креативен процес, соработката со оваа романска балетска куќа, за импресиите после премиерата, дизајнерката Ѓоргиева зборува во оваа интервју. Зад себе има неколку костимографиски проекти, но ни откри дека е време за нова модна колекција и со една посебна енергија и мотивација се враќа на модната сцена.
Перидов повторно се ангажира на полето на костимографијата, минатиот месец се врати од Букурешт каде работеше во Романската национална опера, кажи ни повеќе за што станува збор…
- Станува збор за мојот најнов проект, костимографија за балетската претстава „Пепелашка“. После неколку интернационални проекти, „Пепелашка“ е мојот најнов проект на кој навистина му се радувам како уметник, дизајнер и секако од аспект на бизнис. На сето ова гледам како на едно патување, еден процес преку кој секако си го гледам и сопсвениот напредок и развој, во повеќе сектори од мојата работа.
Веќе неколку пати дизајнираше костими за балет, што осмисли за оваа балетска „Пепелашка“? Како изгледа Пепелашка во твојата визија, а како останатите ликови?
- Со оглед на тоа дека станува збор за тимска работа, првичните насоки во однос на стилот и тематиката ги добивам од режисерот. Така што станува збор за една модерна Пепелашка, со една малку видоизменета верзија на приказната која ние ја знаеме. Прилагодена на времето во кое живееме. Костимите исто така претрпеа измени во однос на времето, така што постои некаков микс помеѓу старо и ново.
Повеќе преферираш покласичен стил на костими или предимно те привлекува модернизмот во костимографијата? За оваа „Пепелашка“ создаде костими со модерен израз, колку е тоа резултат на твојата инспирација, а колку на дадените насоки и концептот на режисерот?
- Немам никаков проблем да одговорам на дадена задача, меѓутоа ако треба да одберам, ми се допаѓа тој модернистички израз, некој микс кој што дава печат на одредено време, меѓутоа во исто време е соодветно за времето во кое што живееме. Во случајот, стилот на режисерот се поклопува со мојот, така што уметнички се најдовме на иста вибрација и иста идеја како треба да изгледаат костимите.
Интересно е што костимите за оваа претстава се создадени од материјали кои веќе постоле во театарот…
-Едно од прашањата кои ми беа поставени додека ја презентирав костимографијата е дали би користела материјали од нивниот магацин. Материјали кој останале од предходни претстави. Одржливата мода е едно од актуелните прашања што многу често се спомнува во нашето секојдневие, така што со драго срце одговорив, секако дека сум „океј“, дури и се радувам затоа што освен што ќе подготвиме прекрасна претстава, ќе бидеме корисни и за нашата животна средина и квалитет на живеење.
Со какво искуство се враќаш од Романската национална опера во Букурешт, во однос на целиот процес на работа со тимот и повторната соработка со режисерот Ренато Занела?
- Се враќам со прекрасно искуство! И покрај тоа што сега после неколкуте искуства на големи сцени, свесна сум дека сето ова ми следува, некој природен тек на човек кој си ја сака работата и си инвестира во работата, но секако во исто време не сакам да бидам неблагодарна! Навистина секој ден се потсетувам дека треба да бидам благодарна што ете во животот ми се појавила прилика каде што можам да растам како уметник и човек, секако! Соработката со самата куќа беше навистина прекрасна! Романската опера и балет е голема и организирана куќа позади која стојат големи тимови, спремни за коплексни претстави кои имаат различни барања. Мене посебно ми беше интересен делот од мојата работа, ателјеата во кои поминував најголем дел од времето, Соработката со режисерот трае веќе осма година. Станува збор за уметници кои си ја почитуваат својата работа. И кои делат исти или сличен дизајнерски израз. За мене беше особено важно затоа што тој е човек со огромно искуство позади себе од кој што можеш да научиш многу!
Кои се импресиите по премиерата на претставата, како реагираше публиката и дали си задоволна од првичните реакции?
- Првичните реакции и критики се прекрасни! Публиката презадоволна! Претставата е ставена на репертоарот на Романската опера и балет. Еден од коментарите на еден од новинарите во Букурешт беше – Ако мислите дека станува збор за само една обична претстава, ќе погрешите. Прекрасна претстава во која многу акцент е ставено на емоцијата, претставена преку движењето на балетаните на сцена. Во балетот не постои зборување, јазикот преку кои разговараат е емоцијата и движењето.
После најновата театарска претстава, можеби е врема за нова модна колекција, дали размислуваш во таа насока?
- Дефинитивно е време за нова модна колекција! Посебно сум среќна поради тоа и со една посебна енергија се враќам назад на модната сцена! Мојата нова колекција е инспирирана од уметничка слика која сама ја изработив и од таму се разви цела идеја за колекцијата и новата линија на чанти. Многу креативни активности во периодот кој следува, навистина сум и мотивирана и инспирирана да презентирам една убава креативна приказна која ќе биде дел од приказната на моите клиенти и потенцијални клиенти.
Нема коментари