По успешната презентација на колекцијата „Алтер“ во Белградската филхармонија во април оваа година, вратите во регионалната модна сцена ѝ се отворија на нашата дизајнерка Олгица Ѓоргиева. На 2 ноември ја очекува нов моден предизвик-ревија во Црногорскиот национален театар во Подгорица.
-Започнав нова фаза од мојата работа. После настапот во Белград, мојата работа беше навистина забележана! После тоа добив покана за ревија во Македонската амбасада во Србија, за денот на независноста на Македонија, каде беа присутни многу новинари и многу успешни луѓе во своите сфери. Нивната воодушевеност после мојата ревија беше навистина видна. Добив прекрасни коментари за тоа што го работам и воедно добив покана повторно да бидам дел од настанот „Музика и мода“, кој овој пат ќе се одржи на 2 ноември во Црногорскиот народен театар во Подгорица, каде што ќе учествуваат уметници од целиот регион. Ќе имам прилика да ја претставам мојата работа и во Црна Гора, во меѓувреме имам договорено уште неколку активности на тие простори, кои допрва ќе се случуваат. Постојат опции за тие пазари и допрва на тоа ќе работиме. Во сите овие години, никогаш не ја изгубив вербата за ова што го работам…се повеќе сум сигурна дека ова што го создавам предизвикува интерес каде и да отидам, тоа е доволен показател да продолжам понатаму, сега и уште повеќе-вели креаторката.
Црногорскиот пазар ќе го освојува со нова колекција за есен зима 2017/18.
-Подготвувам нова колекција која ќе биде наречена Castle on the Hill или Замок на врвот. Сите ние на некаков начин сме архитекти на сопствениот замок , а каков сакаме да биде замокот на врвот или најдобрата верзија од себе, тоа треба сите , сами себе да се запрашаме. Позади ѕидините на нашите замоци, се протегаат цели, нови светови, кои ги познаваме само ние и што ќе правиме со тие светови, во најголем дел зависи од нас- додава Олгица.
Колекцијата е составена од елегантни парчиња. Ја продолжува приказната со принтовите за која вели дека ѝ станува сè поинтересна. Се среќаваат нијанси на сиво, црно, златно, земјени тонови. Од материјали користи кадифе, тантела свила и неколку верзии на сатен.
Кколекција Castle on the hill засега нема да има поединечна промоција во Скопје, но ќреациите ќе бидат достапни во нејзиното ателје.
-Мојата идеја и планови за оваа сезона беше поинаква, меѓутоа тоа ќе го оставам некаде за периодот март-мај 2018, така да ќе имам повеќе време да ја реализирам целокупната моја идеја. Поради некои други активности периодов, за оваа сезона ќе останам со ревијата во Црна Гора , меѓутоа новата колекција секако ќе биде објавена преку медиумите и електронски-вели таа.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари