Ведри, нежни, разиграни и симпатични, како што се децата, се креациите од новата концептуална колекција на дизајнерката Олгица Ѓоргиева за најмладите. Идејата под GO kids by Gjorgieva Olgica да креира уникатни парчиња детска облека ја најави со неколку креации за девојчиња кон крајот на минатата година, кои беа мини верзија на моделите од нејзините лански колекции за жени. Оваа приказна ја продолжи и збогати со модели и за момчиња.
Во весела атмосфера, во објектот Cherry orchard, со познататиот фотографски тандем Ани и Дими креаторката деновиве направи lookbook за колекцијата. Кaко модели се јавуваат слатки и насмеани дечиња-модели, кои автентично ја доловуваат идејата на креаторката.
-Иако децата не беа професионални модели, навистина успешно се пронајдоа во улогата, и мислам дека направивме прекрасна фотосесија. Додека траеше снимањето од сите страни течеше толку убава енергија, што ме правеше навистина среќна. Бесценети беа првичните реакции на родителите во однос на моделите, како и првите впечатоци на децата кога ги облекоа креациите. Тие ми беа првиот знак дека тоа што е сработено е добро-вели Ѓоргиева.
Концептуалната линија е наменета за одредени прилики, како што се родендени, крштевки, свадби и слично.
-Кога ја создавав колекцијата размислував за тоа каде ќе се носат и во исто време пробав да ја вметнам детската енергија во моделите. Најмногу се застапени свечени фустанчиња, прилагодени на приликите на кои би се носеле девојчињата, а има и модели и за малите момчиња. Доминираат светлите и пастелни бои, а од материјали користев памук, верзии на сатен, принтани материјали кој ги користев како додатоци. Засега креациите се наменети за деца на возраст од една до седум години. Ќе видиме како ќе се развива идејата во иднина. Како ќе диктира пазарот, така ќе се прилагодуваме-вели таа.
Креациите го задржуваат препознатливиот елегантен и романтичен стил на дизајнирање на Олгица. Во некои елементи имаат допирна точка и со креациите од нејзината колекција за пролет-лето 2017 за жени.
-Мислам дека кај моделите од GO kids by Gjorgieva Olgica се препознава мојот стил на креирање. Дури дел од принтовите и елементите што ги користев во последната колекција ги пренесов и овде. Сосема поинаков начин на работа, една поинаква енергија и голем предизвик за мене. Со многу љубов влегов во овој проект и ќе се потрудам да изградам препознатлива приказна.
Ова е една од ретките колекции за деца со потпис на македонски дизајнер. Најчесто креираат наменски и по нарачка, за одредени прилики.
- Идејата да создадам линија за деца ја имам од многу одамна…. и секогаш кога ќе сум помислела во истиот момент ми доаѓала бура од инспирација и идеи, провлекувала насмевка на моето лице и будела некоја интуитивност за тоа што треба да го сработам. Решив да си верувам на својата интуиција и донесов одлука да го започнам овој проект. Децата е една сосема поинаква енергија, една сосема поинаква инспирација, еден простор за креирање каде што имагинацијата ја носиш на едно поинакво ниво. Со оглед на тоа што низ годините успеав во себе да го зачувам “здравото дете” уживам во ова искуство и имам чиста и искрена енергија да создавам и на ова поле… Борбата за поголемо производство на колекции за деца и остварување соработка со огромни компании е тешка…меѓутоа со различни концепти би можело да функционира-вели Олгица на крајот.
Нема коментари