Со силен аплауз и пофални зборови во медиумите беше проследена промоција на новата колекција Castle on the hill на креаторката Олгица Ѓоргиева во Црна Гора. Во рамки на културниот регионален хепенинг „Музика и мода“, што се одржа на 2 ноември во Црногорскиот народен Театар во Подгорица, дизајнерката беше единствена претставничка од Македонија. Учествуваа познати имиња од повеќе уметности: познатиот српски мецосопран Јадранка Јовановиќ, Јуре Церковниќ на класична гитара од Словенија, Ратимир Мартиновиќ од Србија на клавир, белградската модна куќа „Билицки“ на чело со Владимир Стојановиќ и модниот дизајнер Борис Чалиќ од Црна Гора.
Ова е втора ревија на Ѓоргиева на „Музика и мода“, по успешната презентација на линијата „Алтер“ во Белградската филхармонија во април оваа година.
- „Музика и мода“ е спој помеѓу класичната музика и мода. Овој настан ми станува сè подраг, особено поради концептот. На едно место се собрани уметници од различни полиња, секој на свој начин оригинален, креативен и успешен. Првото издание беше во Белградска филхармонија, а овој пат во Црногорскиот народен Театар во Подгорица. Мудро одбрани учесници, соодветно избрана локација, и адекватно поканети гости во публиката. Организаторите, своето долгодишното искуство на модната сцена успешно го покажаа и овој пат. Особено овој настан ми е допаѓа поради својата едноставност. Целата тежина е ставена на квалитетот на учесниците. Коментарите за време и после настанот беа, дека во публиката таков профил на гости, долго време не се видел на некој настан. Успеав да запознаам прекрасни луѓе, прекрасни контакти. Со уметниците исто така имаше прекрасна дружба и споделување на искуства – вели Олгица.
Во црногорските медиуми имаше натписи дека „Олгица Ѓоргиева, целосно успеала да ја освои црногорската публика“.
- После ревијата ме чекаа група новинари за интервјуа, неколку госпоѓи за да купат фустан од ревијата, уште пред самата ревија веќе имаше интерес за парчињата од луѓе кои успеаа да ја погледнат предходно. Се наоѓам во еден екпериментален период од мојата работа, во кој уживам! Се околу мене свесно следам и регистрирам… анализирам, осознавам, за тоа што ќе следи во иднина. Секое наредно искуство ме прави поискусна, посигурна во ова што го работам, посвесна за многу работи и особено ме радува една работа, дека каде и да се појавам мојата работа предизвикува интерес. Во Македонија со талент, креативност, труд и енергија успеав да си го завземам своето место на нашиот моден пазар, меѓутоа ова се веќе други пазари! Пазари каде што владеат други правила, други размислувања, поинаков пристап кон модата. Сосема други поднебја, со свои карактеристики и кога ќе видите дека со возбуда ви кажуваат дека имате прекрасен производ, еден уметник, не може да не биде среќен – вели таа.
Колекција со која се претстави во Подгорица наречена Castle on the hill или „Замок на врвот“ за сезоната есен-зима 2017/18 содржи елегантни парчиња. Ја продолжува приказната со принтовите за која вели дека ѝ станува сè поинтересна. Се среќаваат нијанси на сиво, црно, златно, земјени тонови. Од материјали користи кадифе, тантела, свила и неколку верзии на сатен.
-Сите ние на некаков начин сме архитекти на сопствениот замок, а каков сакаме да биде замокот на врвот или најдобрата верзија од себе, тоа треба сите сами себе да се запрашаме. Позади ѕидините на нашите замоци, се протегаат цели, нови светови, кои ги познаваме само ние и што ќе правиме со тие светови, во најголем дел зависи од нас- вели Олгица.
Castle on the hill засега нема да има поединечна промоција во Скопје, но креациите ќе бидат достапни во нејзиното ателје.
-Мојата идеја и планови за оваа сезона беше поинаква, меѓутоа тоа ќе го оставам некаде за периодот март-мај 2018, така да ќе имам повеќе време да ја реализирам целокупната моја идеја. Поради некои други активности периодов, за оваа сезона ќе останам со ревијата во Црна Гора, меѓутоа новата колекција секако ќе биде објавена преку медиумите и електронски – вели таа.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари