Дизајнерката Олгица Ѓоргиева во моментов забрзано ја подготвува новата колекција со која во недела ќе го затвори претстојниот Моден викенд-Скопје, поточно нејзината ревија е закажана за 25 октомври, во 22 часот во Музеј на Македонија. За Stylist.mk таа откри дека оваа сезона се навраќа кон самата себе и ќе се претстави со видоизменета верзија на нејзината предходна работа. Тоа според неа значи елегантна колекција со чисти линии со кроеви, техники на доработка претставени на еден малку поинаков начин.
-Колекцијата би ја опишала како една визит-карта на она што во моментов се работи во моето ателје. Тоа беше и идејата за оваа колекција, мала концепирана колекција со која ќе им ќе им дадеме една слика на нашите клиенти и потенцијални клиенти што можат да најдат или што може да се изработи во ГО. Ќе се сретнат посекојдневни пачиња, свечени тоалети, венчаница, детска облека. Во случајот ќе бидат изоставени машките парчиња, меѓутоа да нагласам дека и тоа го работиме. Самата колекција е наречена “Едноставно ГО” или Just GO. Користев кадифе, жоржет, тантела, волница, на моменти плетенина. Во однос на боите палетата се движи во црна, петролеј, портокалова, на моменти црвена и бела-венчаница – ни рече Олгица.
За последната ревија на претходниот Моден викенд таа избра перформанс како форма за претставување колекција, овојпат одлучи да се претстави со класична ревија, но како што вели посмирена, со поинаков концепт и со поинаква цел.
-Ако минатиот пат акцентот беше ставен на театралноста, овојпат акцентот ќе биде ставен на мојата работа, на мојот личен печат, на нешто кое најверојатно, повеќе или помалку се провлекува низ сите мои колекции, на елганцијата претставена на малку поинаков начин. Новост е тоа што вметнувам и детска облека која е најава за тоа што ќе се работи во иднина – вели дизајнерката.
Ѓоргиева скоро една деценија е присутна во македонската мода, основајќи го брендот GO by Gjorgieva Olgica преку кој изминатиов период прикажа повеќе колекции и инспирации. Последнава година можеби не беше многу активна со големи проекти, но тоа не значи дека мируваше.
-Јас сум лав во хороскоп и по природата на нештата сакам сè одеднаш… Меѓутоа не влегувам неразумно во работите. После неколку години активна работа, почуствував дека енергијата треба да ја насочам поинаку. Навидум некои големи проекти немаше, а се направија многу промени во мојата работа-суштински. Изминатиов период бев целосно посветена на работата со моите клиенти и работата во студиото. Во меѓувреме заедно со тоа се решија и доста клучни работи, кои во овој период за мене беа многу битни и најверојатно ми го детерминираа патот за понатаму, барем во наредната година. Плановите за оваа година се заокружување на мојата досегашна работа. Во моментов 2-3 клучни проекти, меѓу кои е и детската облека (во поголем случај наменета за прилики). Потпишавме и соработка со Bastet Noir за online продажба.
Нема коментари