Приказната што ја почна со пролетната колекција Senses и ја продолжи со Touch of my soul -претставена на Моден викенд-Скопје пред еден месец, дизајнерката Олгица Ѓоргиева ја заокружува со својата прва линија за деца. Деновиве на социјалните мрежи таа ги претстави првите креации за девојчиња дизајнирани под нејзиниот бренд GO by Gjorgieva Olgica, кои се мини верзија на моделите од нејзините овогодишни колекции за жени. Вели дека дизајнирањето облека за најмладите било нејзина дамнешна желба.
-Детска колекција е идеја која ја имам многу одамна, меѓутоа најверојатно сè уште не беше доволно созреана за реализација. Почнувам скромно, но со добро осмислен концепт. Точно знам што сакам да направам во тој дел и во иднина ќе се потрудам таа идеја целосно да ја заокружам. Првите креации се надополнување на асортиманот на GО, кој понатаму ќе се прошири. Не ја исклучувам можноста да продолжи да си тече како регуларна детска колекција , која секоја сезона ќе се обновува-ни открива Ѓоргиева.
Вели дека нејзиното ателје ќе биде место каде мајките ќе најдат решение за беспрекорен изглед на своето дете и ќе ја решат дилемата каде да најдат вистинско парче облека, особено за одредени прилики, кога сите од нив имаат посебна желба и замисла.
-Идејата е под GO kids by Gjorgieva Olgica да создадам уникатни парчиња детска облека и да задоволам многу желби и вкусови на родителите кои сакаат нешто посебно за своето дете. Мислам дека секоја мајка ќе биде среќна со овој мој проект,особено во последно време каде акцентот е ставен на облеката на децата, во компарација со родителите-додава таа.
Таа за во 2017 година најавува доста новости , кои ќе значат чекор напред во нејзината кариера.
-Планирам во Новата година да влезам со еден нов проект, кој навистина ќе биде чекор напред во мојата кариера, наредно ниво од мојата работа кој ќе донесе многу предизвици во иднина, на кој навистина се радувам! Се гледаме наскоро -вели таа на крајот.
Нема коментари