Концептуалната продавница Just Because на младата дизајнерка на накит Нина Симовска деновиве беше ограбена. Од продажниот простор сместен во центарот на Скопје, во близина на некогашен „Кинг бургер“, кој истовремено е и ателје на креативката, биле украдени вредни предмети.
-Меѓу вредните украдени работи беа и два ѓердана од новата колекција, чии слики никаде не се прикажани. Доколку ги видите на некого низ градот, би била повеќе од благодарна да знам од каде им се. Само за да можам да им кажам на сторителите „благодарам” што се толку големи обожаватели на алтернативен и концептуален стил. Тешко дека некој ќе ги промаши-вели видно огорчена и вознемирена Симовска.
Станува збор за ѓерданите на фотографијата погоре.
Креативниот простор функционира речиси една година. Таму се создаваат и продаваат нејзините ѓердани, обетки, масивни околувратници, детали за во домот, како и украсна амбалажа. Нина во нашата јавност се проби со уникатите изработени од патент, со кои покажа дека од обичниот придружен елемент од облеката, може да се направат екстравагантни ѓердани, обетки, алки и украси за на чанта. Во нашето неодамнешно интервју Симовска, која го разработува својот бренд Just Because, ја најави новата колекција. (А.Н.)
Нема коментари