Актерските почетоци Ненад Николовски ги прави како средношколец, следува првиот стендап настап во скопски Аеродром и со текот на времето се развива одлуката професионално да се бави со глума, што ја реализира со студиите на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес. Денес Ненад живее токму во Лос Анџелес и се обидува да успее во најпосакуваното место за секој актер – Холивуд. Токму од Холивуд за Stylist.mk стигна оваа фотосесија со Ненад фотографирана од страна на Павлина Поповска, македонска дизајнерка и фотографка, која исто така гради кариера во Лос Анџелес.
Почетоци во актерството…
„Моите актерски почетоци датираат од мојата четврта година и нешто порано, но тогаш за првпат го имав мојот голем стендап настап во една скопска кафана „ЛЕМОНД” во населбата Аеродром во тоа време. Во наредните години мојата актерска кариера претежно се развиваше во училишни и театарски настапи во различни форми на рецитали и драми. Настапот пред публиката и нивниот позитивен одговор на она што го правев беше пресуден да продолжам.
Моја главна инспирација во средно школо беа различните романи и драми од светските писатели: „Ревизор”од Николај Гогољ, „Клетници”од Виктор Иго, „Процес”од Франц Кафка, „Злосторство и Казна” од Достоевски, „Ромео и Јулија”, „Хамлет”, „Трговецот од Венеција” од Шекспир… “
Актерско формално образование
Ненад Николовски завршил магистерски студии по актерство на Њујоршката филмска академија во кампусот во Лос Анџелес. Неговиот тренинг опфаќа: Сценска студија, Мајзнер, Актерство за филм, Глас и говор, Чехов, Од сцена до филм, Импровизација, Шекспир, Преку глас, Александар техника. Има настапувано во престижното Актерско Студио во Лос Анџелес каде Ал Пачино, Елен Берстин и Харви Кајтел се ко-претседатели со претставата „Исус се качи на возот”, играјќи го главниот лик Ангел Круз.
Ненад настапувал во Виктори Театар играјќи ги главните ликови од „Поглед преку мостот” од Артур Милер, и „Аеродром” каде што се појавува и како еден од авторите. Потоа во Хадсон Театар со „Италијанска Американска Реконсилијација” од Џон Патрик Шенли играјќи го Хјуи. Во ЊУФА театарот ги има играно: „Бос во паркот” од Нил Сајмон играјќи го Пол, „Зимска приказна” од Шекспир играјќи го Флорезел, „Трговецот од Венеција” од Шекспир играјќи го Бенедикт. „Ромео и Јулија” од Шекспир играјќи го Ромео.
Зошто го избра Холивуд за актерска кариера?
„Холивуд е најголемиот олимписки уметнички натпревар на артистите и културите од целиот свет. Мене натпреварот отсекогаш ми бил предизвик, а овој натпревар е натпревар со самиот себе.“
Ненад во моментот работи на снимањето на филмот „Сведокот”, криминална драма каде што ја игра главната улога на Тони, високо профилиран мафијаш кој што е доведен во ситуација да одбере помеѓу моралот и неговиот живот.
Ненад ги има снимено филмовите „Коцкарот”, „Поблиску”, „Парфем”, „Жената”, „Последниот роденден”, „Парк”, „Зошто брзање”, „Сендвич”. Тој е е застапен од холивудскиот агент и продуцент Пјер Патрик и неговата агенција “Џери Пејс”.
Фотосесијата со Ненад Николовски на разни локации во Лос Анџелес ја направи Павлина Поповска, интервју со оваа фотографка и модна дизајнерка на овој ЛИНК.
Нема коментари