Традиционалниот бал во музејот Метрополитен во Њујорк повторно на едно место ги собра најистакнатите личноста од модната, филмската, музичката и културсната сцена, овојпат во чест на изложбата посветена на американскиот дизајнер Чарлс Џејмс. Драматичните кутуриерски дизајни на Џејмс го наложија дрес-кодот на вечерни тоалети кај дамите и фрак/бел еле/ бела пеперутка вратоврска кај мажите, а да направиме брза анализа за она што го видовме на црвениот килим. Мажите генерално го испоочитуваа дрес-кодот, како на пример, Бредли Купер и Џон Леџенд, а посебно дотеран беше Џони Деп, кој во класичниот дрес-код вметна неколку свои елементи ретро чевли, украсен бастун и старински часовник кој виси од џебот.
Кај дамите стилот варираше во повеќе насоки. Додека некои ѕвезди се облекоа во согласност со зададената тема, како на пример Тејлор Свифт, Ејми Адамс, Каролина Куркова и Карли Клос кои облекоа вечерни тоалети со ретро призвук и со тоа претставија омаж на Чарлс Џејмс, на црвениот килим видовме и поинакви и донекаде рискантни изгледи. Имаше серија на проѕирни тоалаети (Бијонсе, Кристен Стјуарт), провокативни изгледи (Рита Ора, Ријана), фустани со едноставна форма (Ема Стоун, Даен Крудер, Ен Хатавеј, Рејчел Мекадамс), па дури и комбинаци со панталони (Кара Делевињ, Ерика Баду, Стела Макартни, Кристен Виг).
Во однос на тенденциите покрај драматичните фустани со кринолина и долг шлеп, како и модели во сирена-стил, на црвениот килим на Мет Гала видовме доста проѕирни елементи и светкави ткаени кои се задолжителни за црвен килим. Покрај златната и сребрената, имаше доста црно-бели комбинации, црвени фустани, неколку нијанси на сина (од пудресто сина до теген тонови) и неколку нијанси на розова и виолетова (од бебешко розова до боја на циклама).
Успешен изглед на црвениот килим прикажаа Бијонсе во црн проѕирен фустан од Рикардо Тиши за „Живанши“, потоа Наоми Вотс во необичниот градиран фустан од истиот моден бренд, позитивни реакции предизвикаа и моделите со едноставна форма на Ема Стоун и Риз Витерспун и блескавиот изглед на Блејк Лајвли во модел на „Гучи“. За жал, некои не само што ја промашија темата, туку и комплетно разочараа. Да, мислиме на Лупита Нионго, актерката која што нè одушеви изминативе месеци со стилот, но вчера се појави во тотално нејасна комбинација од зелен мрежест фустан со пердуви и чудно поставена украсна лента на главата. Тотално хаотичен изглед прикажаа и Кејти Холмс и Кејт Аптон, а нема многу пофални зборови ни за Сара Џесика Паркер, Лина Данам и Меги Џиленхал.
Нема коментари