По успешната кариера во новинарството во како што вели во најубавите години за оваа професија, Татјана Лопарски го менува модусот на делување и пред осум години ја основа Елемент ПР, една од водечките ПР агенции кај нас. Како сопственичка и извршен директор, но поважно како експерт и лидер на својот динамичен тим, нижи успеси во својата област менаџирајќи комуникација за повеќе големи брендови. Посветена, креативна, темпераментна и секако упорна и вредна, со Тања зборуваме за нејзината професија, за почетоците на компанијата, како изгледа еден нејзин работен ден, кои се правилата по кои се раководи за да биде успешна жена, но и за балансот со семејните обврски и новата пасија – трчањето.
>>Кариерата ја почна во новинарството, а после искуството во Кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, што беше клучно да смениш професионална насока и пред осум години да ја формираш агенцијата Елемент ПР?
-Имав таква чест да учам секогаш од луѓе кои се долги години во својата професија. И во новинарството и во односите со јавност. Работев новинарство во може да се каже најубавите години за оваа професија, кога истражувачкото новинарство беше нешто секојдневно за нашата професија. Имавме големи предизвици секој ден, но беше интересно. Во Кабинетот на Претседателот Црвенковски пак научив многу за односите со јавност, но исто така поминатите месеци како портпарол ме однесоа на другата страна на новинарството каде комуницирав со новинарите за нивите истражувачки теми. Искуството во Кабинетот е непроценливо посебно ако работите со луѓе кои се долги години во политиката. По овој ангажман решив да не се вратам во новинарството, бидејќи некако не ми беше во ред. Да решам да отворам своја компанија за односи со јавност беше мисија невозможна, во момент кога имате бебе дома, постојано надградување на професијата и се разбира кога имате нула финансии зад себе. Почетоците беа навистина тешки, може да се каже дека првите две години беа на раб на преживување, но сепак денес кога ќе погледнам наназад, велам дека сè си има причина зошто и како се случува.
>>Што беше најголем предизвик минативе осум години и на што најмногу си горда во досегашната работа на агенцијата?
-Горда сум што имам совршен тим и што се покрај мене со години. Да успееш да создадеш тим и притоа да не го загушиш во сопствените „фрустрации” е навистина достигнување. Можеби искуството ме научи што да отфрлам како лоши практики и што да применам како добри. Секако горди сме сите како тим кога имаме успешна кампања или решавање на кризен ПР. За мене се најголема гордост луѓето околу мене кои успеале да се развијат во вистински професионалци.
>>Кои сè сервиси ги нуди Елемент ПР?
-Сè што се однесува на менаџирање на репутацијата на една компанија, а секако и на еден поединец. Менаџирање на имиџот е нешто што е неизбежен дел од функционирањето на секоја компанија. Така и со нашите клиенти. Тоа значи се грижиме за нив преку интегрирани комуникациски планови кои опфаќаат и класично рекламирање.
>>Како изгледа еден твој типичен работен ден?
-Утрото започнува уште рано наутро со договорен тренинг со мојот тренер за трчање Кокан Ајановски. Тоа е мојата пасија веќе година и пол. Следуваат домашните обврски пред поаѓање во училиште на мојата 10-годишна ќерка Билјана. На работа гледам да бидам на време, околу 9 часот и тогаш започнува цела бркотница во текот на денот, која трае некаде до 18.00 часот во најдобар случај. Дома гледам да посветам максимално квалитетно време со Билјана, бидејќи да ја немам помошта од моите родители и мајката на мојот сопруг Илија, нема да можам да постигнам ама баш ништо. Престанав одамна да изигрувам супер мајка, бидејќи тоа и не постои. Не ни барам совршенство, најважно од сè е мојата ќерка постојано да биде среќна, но среќна со обични нешта околу нас, со љубовта која ѝја даваме како родители. Научив дека детето треба да се третира како возрасен човек и така да се воспитува.
>>Кои се петте професионални начела според кои треба да се води секоја успешна деловна жена за да постигне успех во својата сфера?
-Да направи баланс меѓу работата и домашните обврски, онака како што ѝодговара. Да вложува во себе надградување. Да ја сака работата која ја работи. Да го каже сопственото мислење и по цена да се изгуби клиент. Да биде бескомпромисна во справувањето со предизвиците.
>>Колку е важен тимот што го формираш околу себе и како функционирате во канцеларија?
-Најважен. Ние сме како едно семејство. Секој гледа да помогне на другиот. Треба да дојдете еден ден да поминете кај нас да ја разберете енергијата што ја има. Секој ден е различен, интересен сам по себе и во моменти кога решавате некоја криза. Сите сме како едно. Плус тоа сите сме различни, а сепак исти кога работиме, бидејќи токму убавината е во различноста.
>>Како изгледа твоето работно биро, што треба на него да има (или никако не смее да има) за продуктивен работен ден?
-За продуктивен работен ден до мене е шише вода, затоа што последнава година и пол од како трчањето ми стана начин на живот, внимавам и на тоа постојано да се хранам здраво. Секако пред мене се фотографиите од моето семејство и благодарниците од моите клиенти. Имам еден ѕид во кој што гледам секој ден од бирото, каде се залепени сите интересни моменти од работата во Елемент ПР. И на крај на денот кога ќе седнеш да работиш поважно е да имаш чиста мисла од чисто работно биро.
>>Постои разлика меѓу новинарството и односите со јавност, нели? Што се всушност односи со јавност и дали конечно научивме да ја дистанцираме оваа професија од новинарството?
-Секако дека постои, но се поврзани. Медиумите се наши пријатели, преку нив ги комуницираме вредностите на нашите клиенти. Секоја ПР компанија треба да има барем еден поранешен новинар, бидејќи само новинарите знаат да проценат дали нешто е вест или не е вест. Јас сум од таа генерација што буквално ги фати најубавите години во македонското новинарство и научив многу. Односите со јавност ги учев во од, секојдневно читав се надградував. Тоа го правам и сега. И секако тука се постдипломските студии на Сити колеџ, односно Шефилд за односи со јавност и маркетинг кои ми додадоа плус теоретско знаење.
>>Често зборуваме, коментираме и дефинираме што е тоа моден деловен дрескод. Како всушност треба да изгледа модниот стил на една деловна жена? Лично ти како функционираш во овој сегмент – по строги правила или природата на професијата дозволува покреативно облекување во канцеларија?
-Кај нас е дозволено покреативно облекување. Секоја пригода си носи свои правила. Со оглед на тоа што работата е креативна, не можете луѓето да ги ставате во шема. Едноставно не оди. Деловна жена треба пред сè да биде средена. Тоа значи не само да се облече во склад, туку да внимава на детали. Каква и е косата, обетките, ланчето. И секако секој од нас треба да биде свесен за своите недостатоци, да ги прикрие, а не да ги истакне. Сè е во умереноста.
>>Негуваш интерес спрема модата и градиш свој стил и често соработуваш со македонските дизајнери…
-Сакам кога некој ме познава и кој веднаш знае да ми најде решение за некоја моја желба. Тоа го прави Бобан Илиевски за мене. Ме знае, ме познава и знае како да ме погоди со дизајнот. Секако тука е и неизбежната Ивана Кнез, а без компромиси избор правам за дизајните на Антонија Ристовска. Имам сопствен стил, затоа што има парчиња на облека без кои не можам. И пасија ми се чевли. Постојано ги купувам, иако имам премногу. Но, како велат никогаш не е премногу, така и се тешам кога купувам чевли.
>>Во моментов твоја пасија е трчањето и неодамна се врати од Амстердам каде што трчаше полумаратон. Како ти се случи трчањето и спортувањето?
-Сосема случајно. Јас бев од оние кои секогаш викаа – да трчам нема шанси. Мојата најдобра пријателка Марина Домазетовска започна со овој спорт и некако ми дојде да пробам. Прво сама, потоа под будното око на Кокан Ајановски. Како се зголемуваа метрите, се зголемуваа километрите и едноставно трчањето некако ти влегува под кожа. Кога ќе истрчам сум смирена, мислите ми се средени, знам што треба да правам, знам каде треба да се движам. Додека трчате мислите ви врват, правите анализа буквално за се. Тоа време е само мое и уживам во него. Прв полумартон беше Скопскиот, потоа Стара Загора, па Амстердам и сега следната година веќе имам план каде ќе трчам и со кого J. Сите што трчаме сме интересен спој на луѓе, позитивни, зборуваме за теми поврзани со трчањето и постепено се развиваат пријателства.
>>Што е следниот предизвик за тебе како професионалец и челник на компанијата и воопшто за Елемент ПР?
-За мене лично е следната година да се посветиме на едукација на сите оние кои повеќе сакаат да знаат за маркетинг и односи со јавност. Овој сегмент одамна го планираме и мислиме дека сме подготвени да го стартуваме во 2017 година.
Нема коментари