Основачката на ПР и маркетинг агенцијата Honeybiz Љупка Наумовска вели дека работата е една од нејзините најголеми љубови и комплетно и’ се посветува без да го мери времето. Таа посветеност резултира со успех, а дел на успехот го препишува на позитивната атмосфера меѓу вработените во канцеларија, нивната страст за работа, непостоењето на строга хиерархија и взаемното учење еден од друг . Тимската работа секогаш победува!. Покрај тоа што е успешна жена менаџер, таа е докторант на Економскиот факултет во Скопје, сака добри филмови, книги и луѓе, сака да патува, но и да се враќа дома. Има специфичен и добро изграден моден стил, а нејзината компанија во еден дел и се занимава со мода преку соработката со дизајнерката Олгица Ѓоргиева и брендовите Oxette и Arthur’s. Со Љупка зборувавме за нејзината професија, за модните проекти и кршењето на стереотипите за деловен дрескод, а разговорот го почнавме со тоа како изгледа еден нејзин типичен ден. Дали оние што се во креативните професии имаат одредено работно време или денот најчесто им е непредвидлив, на кој дел од обврските најмногу посветува внимание, и конечно, дали и во кои услови по работното време си вели дека денот бил успешен?
- Строго определено работно време во текот на денот немам, дури мислам дека постојано работам, но тоа го кажувам во позитивна смисла, бидејќи мене работата ми е една од најголемите љубови. Денот не ми е строго поделен на работа и одмор, туку е дисперзиран и по малку (креативно) хаотичен, но таков и сакам да ми биде. Уживам кога работам повеќе проекти паралелно, и сакам да се посветувам без да мерам на времето. Најмногу вложувам во квалитетот на релациите со луѓето и во квалитетит на релацијата со самата себе. Среќна сум што сум опкружена со необично добри луѓе со кои безрезервно си разменуваме знаење, мотивација и критики, односно луѓе со кои растам, приватно и професионално. Со текот на времето овој круг е намален, но квалитетот е пречистен и подобрен. Да знаев порано дека на своите грешки најдобро се учело, ќе грешев повеќе. И успешните и неуспешните денови се подеднакво значајни и добри.
>>Наброј ни пет професионални начела според кои треба да се води секоја успешна деловна жена за да постигне успех во својата сфера.
1.Да внимава од кого прима совет
2.Да си го цени времето, просторот и себеси
3.Да остане љубопитна и гладна
4.Да патува
5.Да сака.
>>Се снаоѓаат ли жените, поконкретно лично ти како директорка и менаџерка на македонска компанија, во бизнис светот?
-Постојат сè уште загрижувачки статистики за процентуалната полова избалансираност во претприемништвото и капиталните структури, а не би требало да е така бидејќи системот и општеството се еднакви за сите. Сите оние кои ја преземале улогата на лидери и научиле да се носат со неа, независно на полот се свесни и харизматични луѓе и секако дека се снаоѓаат добро. Јас лично, како жена во бизнисот, едвај го чекам времето кога нема веќе да го поставуваме ова прашање и природно ќе се избалансираат работите.
>>Од каде желбата во еден сегмент преку Honeybiz да и’ се обратите на модната публика, преку поддршката на дизајнерката Олгица Ѓоргиева и преку проекти со брендовите Oxette и Arthur’s?
-Honeybiz работи преку бизнис модел кој ги интегрира сите комуникациски алатки, но со силен фокус на директниот маркетинг, односите со јавност и општествената одговорност.Изгледа дека на пазарот му се допаѓа овој свеж пристап и добро реагира на овој модел.Преку него и’ се обраќаме на публиката која е во суштина публика на нашите клиенти.Тие пак, дефинитивно заслужуваат нови, корисни и надградени пораки кои секојдневно се обидуваме да им ги упатиме. Преку кампањите на Oxette, Олгица и Arthur’s кои имаат поврзаност со модна индустрија и стајлинг, постигнавме совршени реакции кај публиката. Иако секој е уникатен по структура, заедничко за овие проекти е што се наменети за публика која има високo естетски вредности и дефиниран стил.Поврзувањето на Honeybiz со модата е резултат на врзаноста на овој бизнис со естетиката и дизајнот и веројатно проектите од ваков карактер природно се раѓаат. Но, она што им дава уникатност на проектите со мода кои ние ги работиме е поврзување и интеграцијата со повеќе диспиплини.Изолирано, ниедна алатка на маркетинг миксот нема дапостигне добри резултати, бидејќи публиката има се помалку толеранција за стерилни и пасивни комуникациски кампањи.
>>Неодамна Honeybiz го организираше проектот Unrestricted, во кој учествуваа 10 жени облечени по креации од бизнис колекцијата на Олгица. Која беше целта на проектот и дали според тебе ја постигнавте?
-Unrestricted ми е еден од омилените проекти. За промовирање на колекцијата споивме 3 дисциплини: промоција, фотографија и дизајн, и трето општествена одговорност. Материјалот беше комунициран вирално.Проектот имаше повеќе цели: да ја едуцира современата жена за можностите да биде уникатна и своја при дефинирање на стил, односно да создаде разбирање за уникатноста што сите ја носиме а експресираме преку облеката, потоа да ги разбие стереотипите за пропорциите и за изгледот – токму затоа моделите не беа манекенки, и секако да се соберат средства за обнова на игротеката на детската клиника. Целите ги исполнивме, нормално со помош на сите кои учествуваа во проектот. Чудо е каков ентузијазам кој се трансформира во креативен професионализам провоцира елементот на социјална одговорност. Сите кога работат за добро, работат со посебна енергија и љубов.
>>Како всушност треба да изгледа модниот стил на една деловна жена, кога таа треба да следи класичен и строг деловен дрескод, а кога и’ е дозволено да внесе покреативни бизнис решенија? Дали деловниот стил зависи од природата на професијата?
-Јас би рекла дека деловниот стил повеќе зависи од карактерот и природата на личноста. Не ги почитувам строгите деловни дрескодови и воопшто рамките за нешто толку лично како облеката. Прекумерните рамки, правилници и насоки за облекувањето сметам дека ја негираат индивидуалноста и слободата и ја гушат креативната енергија. Живееме и работиме во време кога се срушени стереотипите за деловното облекување. Во европските метрополи забележуваме деловен и уличен стил кој не спаѓа во никакви дрескодови, ја потенцира индивидуалноста на сметка на колективните стајлизни и безличноста. Најдобрите компании им нудат слобода во облекувањето на своите вработени, можност за работа од дома, „клизно“ работно време… Тоа се правци кои ги сетира еволуцијата на човекот и славењето на индивидуализмот. Современата деловна жена треба да се облекува соодветно на пригодата, но и соодветно на внатрешната состојба, бидејќи сепак стилот е експресија и начин на комуникација со надворешното. При тоа, не треба да заборава дека жената ја црпи својата сила од женственоста и не би требало да наликува на маж во стилизирањето на својот деловен изглед. Тоа значи што помалку сиво, бели, црни комбаниции, а повеќе свежи бои и урамнотежени колоритни детали.
>>Како го дефинираш твојот сопствен моден стил? Како бираш облека за на работа и како ја прилагодуваш според обврските во текот на денот?
-Во принцип ја ценам едноставноста и минимализмот. Сакам да комбинирам кежуал спортски со деловен стил. Дали ќе носам рамни или високи чевли зависи од динамиката на денот и секако од расположението. Строг дрескод во Honeybiz нема, кој како се чувствува така доаѓа облечен.
>>Што е клучно за опуштена, но сепак професионална атмосфера во канцеларија? Како функционирате со вработените и опиши како како ги спојувате креативните со корисните моменти?
-Во Honeybiz нема хиреархија.Тимот е составен од луѓе кои се свесни, кои имаат страст за работата, знаат што сакаат и најважно од сè, сакаат да растат (ова е реткост верувале или не)! Секојдневно учиме едни од други, особено јас од Јована. Од Влатко, секој може да учи. Работиме напорно, но со леснотија и забава. Тие не се „мои вработени“, ниту пак сум јас „нивен менаџер“. Сите имаме иста професионална цел, а се разликуваме по видот и обемот на одговорности. Честопати работиме надвор од канцеларија, бидејќи мислата некогаш се блокира од секојдневието и со малите промени можат да се случат големи идеи. Во канцеларија имаме дневна соба, кревет, папучки… Атмосферата е полудомашна, полуделовна. Клиентите ни се партнери, и нивниот предизвик е и наш предизвик.
>>Како изгледа твоето биро и што сè може да се најде на него?
Моето биро е хаотично, но не е досадно. На него има: цвеќе, пенкала, маркери, тефтер, мобилен, лап топ, шоља од полу испиено кафе, вода, овошје… Иако поминувам малку време на биро, успевам да го оддржам хаосот во добра форма.
>> Сметаш ли дека твојата работа е инспиративна и креативна? Што најмногу те исполнува во твојата професија?
-Луѓето ме исполнуваат најмногу. Јас сум како хиена, се хранам од енергијата на добрите луѓе. Но, она што мислам дека ме исполнува најмногу е уникатноста на секој проект и секој клиент. Тоа носи несекојдневност и возбуда. Не би можела да работам репетитивна и досадна работа, а ги почитувам бескрајно оние на кои им успева тоа.
>>Што е најмногу важно кога создавате стратегија за ПР и маркетинг за некој моден бренд или дизајнер?
-Искреноста на дизајнерот и осетот за публиката која ја цели.
>>На што си фокусирана во моментов и лично и во однос на твојата компанија?
-Honeybiz, а со тоа и јас се надградувам е во алтернативни комуникациски форми, како на пример интерниот корпоративен маркетинг и интергациите на стари и нови форми на комуникација.Во април ни престои настан во Дубровник кој има општествено значење, проект кој го работиме со голема радост, а полека се приближуваме и кон социјалното претпиемништво. Се подготвува и настан за Олгица Ѓоргиева кој ќе предизвика нови правци во модната индустрија, а кампањата која ја подготвуваме за Oxette ќе ви се допадне на сите! Лично, сум фокусирана на трчање на кеј – ја отворив сезоната пред една недела, на истражување на делата на Рикардо Семлер, неверојатен иноватор, бизнисмен и автор, на готвење добра храна, на дружби со драги луѓе и создавање нови ритуали.
Нема коментари