Човечиња, мачиња, овци, чадори, велосипед и птици како излезени од некој анимиран филм, но во филигран-техника, се создаваат во работилницата на креативката Елена Ристовска. Нејзините уникати деновиве може да се погледнат и набават со попуст на новогодишниот базар во „Скопје сити мол“, што ќе трае до 30 декември. Настанот, на кој се понудени рачно изработени модни додатоци, уникатен накит и украси за домот, се одржува традиционално во организација на МАТА.
Ристовска, која повеќе од шест години се занимава со изработка на накит во филигран-техника, прави трендовски креации со традиционалната, филигран-техника.
- Спојот меѓу древната техника на изработка на накит од сребро и модерниот дизајн предизвикува внимание. Девојките се интересираат за техниката на изработка, а во исто време сакаат да носат и уникатен модел – вели Ристовска.
Почнала да се занимава со стар занает под влијание на нејзиното семејство. Нејзиниот татко бил колекционер на антиквитети и во нивниот дом има предмети со кои, како што вели, може да се отвори еден мал музеј.
Мотивите во разните колекции ги црпи од своето опкружување.
- Инспирацијата, размислувањата и работите се дополнуваат една на друга. Убавите нешта се случуваат постојано околу нас. А, од друга страна, и самите луѓе, кои го сакаат филигранот, имаат желба и замисла за одреден тип накит. Ги следам нивните идеи, на кои дискретно го вметнувам сопствениот белег. Мотивот е различен. Изработувам традиционални елегантни парчиња во кои вметнувам полускапоцени камења, како и накит што го привлекува вниманието на младите девојки со својата урбаност – вели таа.
Нема коментари