Луксузниот париски бренд само што објави дел од пролетната рекламна кампања за последната колекција дизајнирана од страна на Марк Џејкобс кој одлучи да им ја посвети на своите музи Кетрин Денев, Софија Копола, Каролин Де Мегре, Жизел Бундшен, Фан Бингбинг и Еди Кембел. Харизматичните дами му позираа на славниот фотограф Стивен Мајзел во неговото њујоршки ателје, а кај секоја од нив се забележува енигматична насмевка слична на онаа на Мона Лиза.
- Фотосесијата беше многу емотивна и мислам дека тоа се чувствува на самите фотографии. Но, ова не е меланхолична кампања, туку навистина ги слави жените кои го инспирираат Марк – изјави Фредерик Винклер, директор на одделот за односи со јавност во „Луј Витон“.
Новата рекламна кампања ја пренесува главната тема на брендот – иконски личности кои минале низ фасцинантни лични патувања, најчесто со иконските кожени торби на брендот. Според Винклер, важна е релацијата меѓу луѓето и производот, односно нагласеното емотивно поврзување меѓу производот и линоста што го носи.
Едноставна позадина и загасита сиво-сина палета ги карактеризира фотографиите, а на сесијата работеа и Карл Темпер како стилсит, фризерот Гвидо Палау и познатата шминкерка Пет Мекграт. Како и на ревијата за пролетната колекција, последна на Марк Џејкобс за „Луј Витон“, ѕвезда на кампањата е новата верзија на чантата „Ное“, оригинално дизајнирана во 1932 година од страна на Гастон-Луј Витон. По напуштањето на Џејкобс на модната куќа, за нов креативен директор е поставен Никола Гескер, кој во март следната година ќе ја претстави својата прва колекција за „Луј Витон“.
Нема коментари