Дизајнерката Тања Кокев уште од почетоците на својата модна кариера се наметна со колекции на венчаници и свечени тоалети, па иако е сконцентрирана на нов сегмент во творењето, сепак венчалниот сектор од нејзиното ателје не преставнува да работи. Кокев сега промовира нова колекција како вовед за серијата венчални фустани за 2015 година, а со фотографското дуо направи бајковидна фотосесија која што ја објавуваме на Stylist.mk. Базирана на раскошна тантела, моделите го следат концептот на раскош и во кроевите и останатите елементи, преку волуменозни здолништа, богат вез, корсети и украси во коса. Со Тања Кокев зборувавме за новите креации, тимот со кој ја работеше фотосесијата, за преференците на македонските невести и за важноста да се креира со квалитетни ткаенини.
KOKEV Pre Collection 2015/ Фото: Ани и Дими/ Модел: Симона Игњатовиќ (Мак Моделс)/ Шминка: Зоран Шурбевски/ Фризура: Бибе (Студио Ин)
Незаобиколен дел од твојата работа е креирањето венчални фустани, па така во моментов ни претставуваш нова колекција. Од што се состои колекцијата?
-Станува збор за предколекција 2015, кратка колекција со која се најавуваат венчаниците за 2015 година. Се состои од шест модели, секој како претставник на својата подколекција. Бев за нијанса посмела и овојпат создадов колекција на венчални фустани кои се богати и во крој и во ткаенина. Станува збор за богати кроеви работени со уште побогата тантела која што ја донесов за првпат на пазарот на Македонија, а воедно е нови и на светскиот пазар. Тоа е специфична тантела која во основата е нежна пајажина, а допонително во совршени дизајни е аплицирана со тенка пет милиметарска сатенска лента извиена во најразлични форми. Одличен 3Д ефект кој дава ефект на раскош.
Колекцијата ја промовираш со едиторијал, па дали темата од колекцијата се рефлектираше и на новата фотосесија?
-Идејата беше да се прикаже една бајка, фотографиите да бидат излезени од таа бајка, девојката да биде повеќе како нацртана кукла, отколку реална невеста. Сè требаше да биде некако магично, преубава девојка во уште поубава, шума/градина.
Кој е тимот со кој ја работеше фотосесијата?
-По подолго време сменив соработници што се однесува на фотографијата и овојпат работев со Ани и Дими. Многу ми се допадна нивната посветеност, истражување на темата пред да почнеме да работиме и самите подготовки. Немаше трчање по идеи на самиот ден на снимање, туку сè беше добро осмислено, па мислам дека тоа и публиката ќе го забележи. Што се однесува до шминка и фризура, тука ништо не менувам, затоа што сум презадоволна од моите Зоран Шурбевски и Бубе (Студио Ин). Прекрасен тим што се покажа и во реалноста, бидејќи голем број од моите клиенти токму на нив им ја дадоа довербата за шминка и фризура. Презадоволна сум и од Симона Игњатовиќ од „Мак Моделс“, која е малку повлечена од манекенската сцена и затоа ми беше уште подраго што токму со неа ќе ја снимам колекцијата.
Важен сегмент на секој дизајн е изборот на вистинска ткаенина, што особено важи за венчаниците. Со какви материјали работеше овојпат?
-Освен новата тантела што ја спомнав претходно, останувам верна на добрите ткаенини како органза, памучен тул со ситни точки, француска тантела и секако свилениот сатен. Го вметнав и плисето во карнери, транспарентниот тул за поголем ефект на голиот грб и секако свилата како незаобиколен дел од дизајните на Кокев.
Какви венчаници сакаат македонските невести во последниве години и колку твојот дизајн го прилагодуваш на нивните желби и потреби?
-Низ сите овие години видов и изработив најразлични стилови на венчаници. Она што ми е посебно драго е тоа што како Кокев почна да создава редовно свои колекции, така почнаа и клиентите да се насочуваат на стилот на Кокев. Неколку години се прилагодувавме едни со други, така што сè поголема е бројката на клиенти кои ги сакаат токму венчаниците на Кокев, а не некоја фотографија видена на интернет или слично. Во нашата професија е најважно редовно да се создават колекции, да бидеме креативни и секогаш да нудиме нешто ново на пазарот.
Бидејќи е сезона на свадби, претпоставувам дека периодов венчаниците се најбарани. Но, што уште буди интерес кај посетителите на твоето ателје?
-Паралелно со венчаниците, она што е најбарано се вечерните тоалети. Ги работиме по истиот систем како и венчаниците, односно по нарачка. Повторно ќе кажам, најчесто се барани токму нашите модели презентирани на ревиите.
Што ги советуваш невестите во однос на изборот на фустан и конечен стајлинг?
-Првиот совет е тоа да биде оригинална венчаница, не некоја копија на светски познат бренд. Да биде модел кој апсолутно ќе личи на невестата, да има совршен крој кој ќе ги покаже убавите моменти, а ќе ги прикрие недостатоците, потоа да се чувствува пријатно во моделот кој го избрала и со самото тоа да биде најубава на нејзиниот ден.
Нема коментари