Модни додатоци со симпатични илустрации со кактус и минијатурни модели во форма на сладолед на стапче се дел од новите креации на македонскиот бренд Farina’s handmade. Новата летна колекција, која деновиве ја преставија на социјалните мрежи, содржи торби, плик-чанти и парчиња накит со нова летна тематика.
-Во фокусот е кактусот како растение кое ужива високи температури, го имплицираме на торбите, плик-ташните и на самиот накит. Цртежот е стилизиран, лесно допадлив со сликарија исполнета со интензивни бои на подлога глиномол, која дополнително е заштитена со смола, додека на текстилните производи контурите на цртежот се извезани и исто така исполнети со весели бои. За инспирација виновен е интернетот, социјалните мрежи, а и нашите клиенти и обожаватели на рачни изработки со своите желби, предлози и идеи. Имаме и производи од накитот кои се во фаза на развивање, пред скоро објавивме привезоци за ланчиња во форма на “минијатурен сладолед на стапче” изработен од дрво и пигментирана смола, работиме и на други производи,еве веќе како една недела развиваме и реализираме производ надвор од онај концепт на модни аксесоари, имено почнавме да произведуваме минијатурни саксии за минијатурни растенија инспирирани од кактусот-велат од креативниот колектив Farina’s handmade.
Саксиите се изработени од цемент, но и комбинации на други материјали, некои ќе имаат апликации својствени за стилот на Farina’s handmade додека други ќе останат доследни на минималистичкото изразување.
-Секако не заостануваат и нашите добро познати класични производи како слаткото девојче и стилизираните куќички, нормално, сега веќе сезонски насликани со свежи и интензивни бои и цртеж кој од ден во ден се повеќе се модифицира. Производите на Farina’s handmade може да ги најдете на нашата Facebook страна, на Инстаграм, како и во нашата работилница сместена во Струга. Дел од нашите производи се изложени во Public room во Скопје. Соработуваме со продавница за рачни изработки во Тирана Албанија, а дел од нашите производи се излошени и во Амстердам во специјализирана продавница за рачни изработки, но за тоа би зборувале во друга прилика -велат тие.
Farina’s handmade го сочинуваат Марина, Надица, Елена и Марјан кои повеќе или помалку имаат допирна точка со дизајнот. Почнале со изработка на накит од најразлични материјали, новогодишни и роденденски честитки, украси и многу други предмети кои првично ги продавале на улица. Но, со упорност и посветеност, успеаа да прераснат во препознатлив бренд со зад себе неколку јавни претставувања, како и да отворат сопствена продавница. Повеќе за нивната приказна може да прочитате тука. (А.Н.)
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете линк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари