Познатиот македонски дизајнер Јован Петровски пет години работи и живее во Бангкок, Тајланд, модниот центар на Југоисточна Азија, каде што е декан на одделот за мода на „Академија италијана“, а во исто време ги развива своите линии SQUIRE и Blackout. Деновиве ја претстави новата женска колекиција на SQUIRE за пролет-лето 2016.
-Новата колекција е наменета за девојки со кариера. Опкружен сум со жени кои се професионалци и работат во корпорацитивни, но исто така и во креативни професии. Секогаш ми се жалат дека немаат време после работа да се пресоблечат и да одат на вечера или пијачка. Ми дојде идеја да направам кошули во кои жената ќе изгледа професионално, но сепак современо и модерно. Нема конкретен концепт за колекцијата, може да се каже дека е континуитет и еволуција на мојата претходна работа. Можеби е уште почиста линија од сите мои претходни колекции – изјави дизајнерот за Stylist.mk.
За промовирање на колекцијата снимена е фотосесија што ја потпишува македонската фотографка Лепа Георгиевска, а е ангажирана руската манекенка Маша Занина.
-Фотографиите ги направи нашата позната фотографка Лепа Георгиевска, која живее и работи на релација Лондон-Сингапур-Стокхолм. Со Лепа имам долгогодишна соработка и интересно е како ни се вкрстуваат патиштата. Во периодот кога ја направивме фотосесијата Лепа имаше изложба на фотографии овде во Бангкок. Работевме со модел од Русија, Маша Занина, која во моментoв гради интернационална кариера. На некои фотографии изгледа потполно како Кејт Мос – вели Јован.
Покрај ангажманот на „Академија Италијана“ и креирањето колекции, Јован е фокусиран и на развојот на Ardor Studio кое го основа заедно со Даниел Јео и кое се занимава со моден и продукт дизајн, консултации, брендирање и продукција за облека.
-Пред 4-5 месеци отворив свое студио и продукција каде што ги произведувам моите колекции SQUIRE и Blackout, а имам и надворешни клиенти на кои им дизајнирам и продуцирам. За еден месец следува огромна колекција која ќе биде прикажана во Малезија – ни откри Јован.
Нема коментари