Женствени и елегатни се креациите од новата колекција со која дизајнерката од Струмица Пале Милковска се по кратко отсуствo се враќа повторно на модната сцена.
-Изминативе години фокусот ни беше кон “custom-made” креации прилагодени спрема уникатните вкусови на нашите клиентки. Вкусовите кои ги среќавме досега беа многу инспиративни за нас, а дизајните се создаваа по креативните разговори и дефинирањето на сликата која се држи во мислите на нашите дами – вели креаторката која веќе пет години го гради брендот „Милковски”.
Таа објаснува дека „најголемиот предизвик за едно модно студио во пазар кој се смалува секојдневно, е да остане автентично на својот стил, а воедно и да допре со својот единствен глас до поголема публика. Затоа, преку новата колекција „Милковски” го редифинира урбаниот стил со додавање на елементи на чистота и елеганција, но го задржува немирниот дух“.
-Урбаната мода доаѓа до израз кога се рефлектираат брзиот начин на живот и уживањето во моментот. Целта е да се креира спој на модата и стилот кој го изразува расположението на денот. Урбаните модни парчиња се смели и кажуваат посебна приказна за личности кои имаат силен став. Уникатниот моден карактер на секој град се одразува соодветно спрема светските модни трендови. Ако урбаното некогаш значеше опуштено неформално облекување и додавање големи парчиња накит, инспирирано од светски познатите музички икони, денес е нешто сосема поинакво. Од година во година, гледаме големи промени во урбаната култура. Носењето на модел од новата колекција на „Милковски”, ви дава силен глас, кој уште погласно се слуша преку едноставноста на линииите и минимализмот-вели таа.
Колекцијата содржи шест модела во класичен стил во црна, сива и нежно бела боја. Свежи идеи за обновување на гардеробата со нови урбани модни парчиња.
-Со оваа колекција, ги скокнавме сите парчиња кои се сметаат како основни во урбаниот изглед, како маички, патики и впечатлив накит. Го задржавме немирниот, енергичен и уникатен каракер, но додадовме чистота и елеганција. Некогашниот урбан или уличен стил, важел за евтина мода, но денес е симбол на престиж и слава. Моделите од колекцијата се достапни во нашето студио во Струмица-додава таа.
Неодамна беше снимен и lookbook со фотографот Георги Кончалиев (Konchaliev Art&Photography),а како модел се јавува Софија Манчева. За шминката и фризурата се погрижи Драган Гоцев (Studio Daci).
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари