Пролетта со сите нејзини украси: утринската роса, расцутените гранки, пупки и цветови, утрата во кои таа е сонлива, а истовремено присутна и освестена се инспирација за новата нежна и романтична линија венчаници на дизајнерката Антонија Ристовска. Оваа деликатна модна приказна, наречена „Утринска роса”, е втората колекција на подбрендот за невестински фустани - „Антонија Ристовска BRIDE“.
-Новите венчаници се во стилот на модерната класика, а во исто време бајковити со вонвременска елеганција. Колекцијата е составена од две подколекции. Првата е составена од модели во кои помалку или повеќе се застапени нежно розовата и светло сината боја. Кроевите ја нагласуваат фигурата до половината, романтични се и со доработки со мониста аплицирана на венчаниците преку нова техника. Во втората подколекција доминираат елегантни бели венчаници доработени со изобилство на 3Д цветови и богати тантели. Кроевите во основа се многу женствени и суптилно ја истакнуваат убавината на женската фигура. На секоја венчаница е работен рачен вез, со мониста, свилен конец, тантела и нежни 3Д цветови, детали кои им даваат посебна вредност. Колекцијата се состои од 20 модели во различни кроеви: А-линија, принцес, права со висок шлиц, сирена и кратки венчаници, во бела, нежно розова и светло сина боја, изработени од свила, шифон, жоржет, француски тул, брокат, тантела и многу рачна доработка-вели Ристовска.
* За каков тип на идни невести се моделите, како би ја опишала невестата во фустан од „Антонија Ристовска BRIDE“?
-Невестата која ќе одбере модел од новата колекција е самоуверена и своја, сака да биде поинаква, и се пронаоѓа во елегантно-романтичен стил. Во моделите ќе се препознаат девојки со истенчен вкус, кои имаат софистициран стил и посебна харизма.
*Се паметат венчаниците со твој потпис украсени со филигран, како и со рачно цртани цветови . Покажа дека додатоците може да бидат многу поиновативни од само бисери, циркони или цветни везови… Со што се украсени овој пат фустаните, какви додатоци имаат моделите?
-Моделите и повторно се со рачни изработки, но овој пат преку нова техника на аплицирање, вез на мониста со жица. Мотивите се инспирирани од пролетната утринската роса, а изработката е со монистри и нежни кристали кои со својот стај го даваат ефектот на утринска роса. Друг тип на доработка е со свилен конец и кристали. И секако доработките со нежна тантела со вез и релјефни ленти во нежно розе боја.
*Деновиве снимивте и соодветна промотивна фотосесија за креациите. Каде фотографиравте и кој го сочинуваше тимот?
-Фотосесијата е амбиентална во просториите на „Скопје Мериот Хотел“, ме освоија прозорите со нивната грандиозност. Заштитни лица на колекцијата се моделите Сара Цветанова и Ангелина Китановска кои позираа пред објективот на фотографскиот тандем Ани и Дими. Шминката и фризурата се од вештите раце на Даниел Николовски.
* Каде и во која форма ќе бидат промовирани венчаниците?
-Колекцијата премиерно на социјалните мрежи и онлајн медиумите ќе ја претставиме преку фотосесијата, а во живо идните невести ќе можат и одблиску да ги видат моделите на Саемот за венчавки „Во бело“ од 17-19 Март во Хотел Александар Палас и секако во моето ателје.
* Иако од своите почетоци пред повеќе од 20 години изработуваш венчаници, минатата година реши да го издвоиш како посебен оддел – „Антонија Ристовска BRIDE“. Како функционира овој подбренд, дали ќе го задржи препознатливиот романтичен и женствен стил на својот бренд?
-Ова е втора колекција венчаници која ја претставувам под името „Антонија Ристовска BRIDE“. Одлучив да ја одвојам линијата венчаници и да ја претставувам преку посебен подбренд бидејќи дизајнирањето венчаници се разликува од дизајнирањето друга облека. Дизајнот на венчаници дозволува да се креираат пораскошни креации, а од друга страна сте ограничени во однос на бојата. Можам да кажам дека дури и неочекувано доминира во делот на производство во однос на креациите во боја. Ние секако вметнуваме малку необичност во нашите колекции на венчаници преку светли и нежни нијанси кои сепак асоцираат на венчален фустан. И секако, стилот го задржувам, мојата дама е посебна, софистицирана, женствена…
Нема коментари