Жената која е индивидуалец, која знае што сака, модерна е, а сепак своја, не ги следи слепо модните трендови. Жената која не го сака она што другите го имаат и сака да е поинаква, различна и посебна…Токму таа жена е најголема инспирација на познатата стилистка, модна новинарка и дизајнерка Цаци Паковска, која по големиот успех на колекцијата пролет-лето 2017 за штипската компанија за обувки „Марвел“, реализира нова линија за актуелната сезона есен-зима. Новите чевли од Marwell X Caci Pakovska се наменети токму за таквите жени кои се препознаваат во нивниот стил.
* Во текот на денот жената е во повеќе улоги, а тоа бара и прилагодување на обувките за разните прилики. Повеќето бираат практични модели за да може да ги обават непречено сите обврски, а други други носат резервен модел во чанта. Има и трета варијанта-технолошки подобрени модели кај кои се вади потпетицата и се добива балетанка . Во која категорија спаѓаат новите обувки на Marwell ? Какви и колку модели на чевли има во новата колекција? Какви материјали, бои, форми и дезени доминираат? Колкава улога играат деталите и украсите?
-Удобноста отсекогаш била мој императив. Неудобните чевли, како и да изгледаат, колку и да се привлечни за моето око, едноставно се неподносливи за моите стапала. Јас предходно многу ретко носев чевли на високи потпетици, бидејќи со моето темпо на работа не можев да издржам во ништо друго освен на рамни чевли. Тоа влијаеше и на мојот стил на облекување. Секогаш велев дека високите потпетици колку и да ги платите скапо и без разлика од која скапа марка се, за мене беа сосема неудобни. Дури и мојот ормар беше преплавен со чевли, носени само по една вечер или само за снимањето на мојата емисија. Но минатата година кога ја започнав соработката со „Марвел” сфатив дека и високите потпетици можат да бидат удобни. Многу ми е мило, што и со првата и со втората наша заедничка колекција направивме чевли кои имаат неверојатно удобен калап, беспрекорен квалитет на кожа и се разбира, дизајн кој нè одвојува од многу брендови на нашиот пазар. Дури и нашите патики, кои воедно се изработени од 100 отсто кожа, се поудобни од било кои спортски патики кои досега сум ги носела. Едноставно ја пронајдовме вистинската формула за удобност, квалитет и дизајн, а сето тоа по прифатливи цени. Во колекцијата имаме ниски чевли и чизми, салонки, патики и чизми и получизми на ниска и висока потпетица. Сите различни, но сепак во нив се чита истиот печат за жената која ќе биде забележана по деталите, бидејќи нашата колекција е колекција со многу детали. Сите чевли од колекцијата се изработени од 100 отсто кожа, освен неколку модели кои се изработени во комбинација на волнен штоф и кожа.
* Чевлите се една од најголемите пасии на современите жени. Покрај базичните обувки за секој ден, често знаеме да купиме и повеќе модели што поретко ги носиме, само за одредени прилики…оваа пасија ја имаат насетено и изманипулирано глемите модни компании и често лансираат примамливи трендовски модели , кои не секогаш ни се потребни или пак удобни. Тоа ја симнува и цената а и ги става во втор план домашните производи… Кои се спецификите на новите обувки, по што се разликуваат од другите обувки на нашиот пазар?
-Откако во изминатава година сум вклучена во креативниот, но и производствениот процес на чевлите од нашата колекција, сфатив дека нашите чевли по ништо не се разликуваат од чевлите на светските модни марки. Дури во однос на изработката и квалитетот на материјалите, се далеку подобри од брендовите за широка потрошувачка кои кај нас на големо се купуваат, а се изработени од вештачка кожа. Не треба да го заборавиме и фактот дека Македонија, освен што е позната насекаде низ Европа по текстилните фабрики, позната е и по изработката на чевли. Во најголемиот број од нашите домашни фабрика од чевларската индустрија се изработуваат чевлите на познатите светски брендови. Ако нашата фабрика е добра во изработката на чевли за „Прада“, „Миу Миу“, „Џими Чу“ и сличните такви брендови, зошто истатата таа фабрика не би била добра и за нашиот домашен производ. Едноставно е, со нашите „Марвел” чевли добивате категорија на производ, на ниво на сите добри и квалитетни брендови за чевли.
* Со оглед на тоа што имаш работено во повеќе области на модата,и како дизајнерка и како стилистка и како модна новинарка/критичарка, колку беше тешко или пак лесно дизајнирањето чевли во споредба со останите задачи? Што научи за време на тој процес, колку проценти е мода, колку има занает, а колку уметност во креирањето обувки?
-Искрено моето знаење околу произодствениот процес на чевли беше на ниво на чевломан, односно човек кој обожува и сака чевли, и кажува што му се допаѓа или не. Човек што не ја работел оваа работа ниту од далеку не може да претпостави за какво комплексно производство станува збор. Чевлите имаат преку 90 фази во изработката и се далеку покомплицирани во изработката од самиот текстил. Во текстилот многу лесно може да ви се допадне некој фустан од фотографија, и некој шнајдер да ви сошие некоја приближна имитација. Кај чевлите тоа е невозможно. Од самата конструкција на чевлата, до потпетицата, па дури на крајот доаѓа дизајнот. Мојата предност во сета оваа работа беше што имам изострено око за детали и како архитект многу лесно ја научив и конструкцијата на самата чевла. Од голема помош беше целиот тим вклучен во производството, кој со своето знаење и искуство ни помогна да создадеме одличен готов производ. Мојата вештина во комбинирањето на материјали, различни типови на кожа и детали, придонесе чевлите да бидат посебни и во нив да се чита мојот печат.
* Во социјалните мрежи Marwell помина навистина забележително, дури веќе има и терминологија за самите обувки „марвелки“. Какви се резултатитеод претходната колекција? Колку си ти задоволна од фитбекот како поминаа на пазарот ?
-На мое големо задоволство, во колекцијата на „Марвел“ се пронајдоа многу жени и девојки, кои го препознаа нашиот квалитет и дизајн. Морам да кажам дека првата колекција во целост беше продадена, што за нас беше доволен поттик уште повеќе да се внесеме во креирањето и самиот процес на производство на нашата втора колекција. Има голем интерес и за продажба во странство, но работењето чекор по чекор ќе ни загарантира уште поголем успех.
* Неминовни се промоциите, дали преку влијателни личности, социјалните мрежи или медиумите, или преку ревија или фотосесија. Какви се вашите планови за презентација и каде може да се најдат моделите?
-Во моментов чевлите од нашата колекција се продаваат исклучиво во двете продавници на „Марвел“ во Скопје и Штип, но нашата желба е да се отворат уште продажни места низ цела Македонија. Не би сакале да бидеме “агресивни” со маркетинг кампањите, бидејќи тука сме на пазарот за да останеме, а најголемата доверба од клиентите и рекламата, ја добиваме само преку нашиот квалитет и посебен дизајн. Сакаме жените да посакаат да не носат, да се чуствуваат удобно и убаво во нашите модели, а не само да купат чевли веднаш ќе им се допаднат и никогаш повеќе нема да ги облечат. „Марвел“ е бренд во кој многумина на прва можеби немаат доверба, од како ќе чујат дека се од македонско произвоство, но од кога ќе ги привлече дизајнот, и од кога ќе сфатат дека ги “убиле” од носење, тогаш повторно ни се враќаат. Кој еднаш носел „Марвел” постојано ќе ни се навраќа. Јас во моментов носам чевли исклучиво само од нашата колекција, зашто одлично се чуствувам во нив.
*Снимивте и фотосесија за моделите. Со кого соработувавте овој пат?
-Фотосесијата која беше најава за нашата есен-зима 2017/18 колекција беше снимена низ улиците на Милано и јас се појавив во улога на модел. Но официјалната фотосесија беше снимена во Скопје, повторно во соработка со блогерката Јована Зука, а како модел овој пат ја избравме манекенката Ксенија Платонова, која доаѓа од Русија.
*Твојата долгогодишна соработничка и пријателка, поп-ѕвездата Каролина Гочева на својата неодманешна свадба носеше „марвелки“, специјално дизајнирани од тебе . Може ли да ни откриеш повеќе за тој модел, како течеше неговата реализација, дали беше направен по желба на Каролина, или пак ти даде одврзани раце ?
-Особено задоволство ми беше што Каролина на својата свадба носеше „Марвел“ чевли кои посебно беа дизајнирани за неа. Тоа се случи по нејзина желба, единствената насока ми беше дека сака светкави сребрени сандали. Остатокот беше препуштен на мојата креативност. Уште позадоволна сум од фактот што Каролина носи и модели од нашата нова колекција.
* Дали и ти носиш „марвелки“ и кои модели ти се фаворит оваа сезона?
-Јас сум постојано во моделите на „Марвел“. Во моментов хит ми се кремастите получизмички со панделка, црните салонки со кроко принт и две ременчиња и секако патиките изработени од различен тип и текстура на црна кожа со плишани врвци.
* Постојано имаш ангажмани поврзани си модата и дизајнот. Покрај соработката со Marwell , се уште на МРТ оди твојата препознатлива емисија „Стилисимо“, имаше и ангажмани за украсување на ентериер за некои емисии и телевизии, го водиш „Зап Милано“, имаш обврски како стилистка… Кои проекти ќе ги издвоиш како позначајни од изминатиов период и што те очекува до крај на годината?
-Имам голема среќа што го работам она што го сакам и ме исполнува, а сето тоа е поврзано со убавината и естетиката. Овој ноември прославив 10 години од почетокот на „Стилисимо“, што за мене претставува огромен успех да се опстане на нашиот етер со истата мисла и идеја уште од самиот почеток. Архитектурата е мојата најголема страст и навистина уживам во сите проекти поврзани со неа, без разлика дали тоа беа уредување на студиа или уредување на енетериери. Последно бев вклучена како костимограф во снимањето на новогодишната реклама на „Т- мобиле“, и навистина можам да кажам дека се пронаоѓам во сите овие нешта кои ги работам паралелно. Со полна пареа се подготвува и колекцијата за пролет-лето 2018 на „Марвел“, и се надевам дека пријатно ќе ги изненадиме сите оние кои изминативе сезони станаа наши лојални потрошувачи.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари