Во креативното катче сместено во центарот на Скопје, во близина на некогашен „Кинг бургер“, постојано се создава нешто ново. Концептуалната продавница на дизајнерката на накит Нина Симовска не е само дом на ѓердани од патенти, по кои е препознатлива. Тоа е и место каде што може да се најдат и обетки – налик на копчиња, масивни околувратници, детали за во домот, како и украсна амбалажа. Кога и да влезете во овој топол и удобен простор, кој функционира речиси една година, ве пречекува лично Нина.
Во нашата јавност се проби со уникатите изработен од патент, со кои покажа дека од обичниот придружен елемент од облеката, може да се направат екстравагантни ѓердани, обетки, алки и украси за на чанта. Симовска, која го разработува својот бренд Just Because, деновиве ја претстави својата нова, т.н. пред колекција, со која најавува нова линија.
-Масивните ѓердани и обетки беа и остануваат заштитен знак на мојот бренд Just Because, oд проста причина што ми даваат простор за поголем уметнички израз. Но, бидејќи сакам да има баланс многу често знам да влезам во минимализам и таму да испитувам можности и крајности на тестирање на одредени материјали. Ефектите и резултатите, како и секогаш, се задоволителни-вели таа.
Ѓерданите се наречени Arrows и се своевидна најава во серијата што допрва доаѓа.
-Линијата ќе биде поврзана со едно многу моќно племе од средниот век и ќе го носи името Валхала.
Покрај ѓерданите тука се и обетките што наликуваат на копчиња. Кај нив се среќаваат нацрти во вид на костурски глави, сидро, египетска кралица, па сè до астрономски мотиви. Тие се позлатени и се во многу мала форма, и секој модел раскажува своја приказна.
Брендот на Нина, Just Because, спонтано и без многу фама успеа да се наметне како еден од најдобрите и најпрепознатливите етикети за накит изминативе години. Вели дека клиенти ѝ се претставнички од сите генерации, но најмногу ги има девојките кои сакаат да експериментираат и имаат храброст за тоа.
-Посебно ми е задоволството кога ќе видам со каква љубов ги носат парчињата и уживаат во правење на нови комбинации. Just Because е бренд со кој јас лично се поврзувам. Сакам да видам кога некои девојки апсолутно со жар ги носат дизајните и ја знаат приказната позади нив. Исклучително ме воодушевува кога дизајн на ѓердан од алтернативни материјали, пред сè патенти, изгледа луксузно и се шета на црвениот килим-вели таа.
Нина Симовска ја дизајнира наградата во вид на симболот на нејзиниот бренд- патент, што во изборот на Stylist.mk му беше врачена на најдобриот млад дизајнер на неодамнешното издание на Модниот викенд-Скопје. Статуетката, изработена од дрво, отиде во рацете на Бобан Илиевски (Chic Undercowear).
Нема коментари