Откако пред година и половина реши да прекине со дизајн, изработка и пласирање на готова облека на домашниот пазар, еден од најпознатите македонски креатори Никола Ефтимов целосно е фокусиран на дизајнот и изведбата на облека по мерка. Неговата немирна и креативна природа го поттикнала да продолжи да работи, да се изразува во повеќе визуелни медиуми. Овие активности му помагаат не само да материјализира одредени идеи, туку често служат како материјал за превод во дизајнерски решенија. Пред повеќе од еден месец патиштата му се вксритија со американската компанија „Вида“, со која стапил во контакт онлајн, и за која веќе изработи повеќе од 40 дизајни.
-Пред нешто повеќе од еден месец ме исконтактира директорката за односи со дизајнери на компанијата „Вида“. Ми кажа дека наишла на моите работи на интернет, се воодушевила од нив, па ми се обрати лично, и во името на компанијата ми предложи соработка која би значела превод на моите дизајнерски и ликовни визии во модни производи. Ја прифатив понудената соработка, го искреирав мојот профил на нивната продажна платформа и веќе истата ноќ ги пратив моите први предлози за дизајнерски решенија -објаснува Ефтимов.
Засега, оваа компанија нуди одреден број на базични по крој топови и блузи, марами, шалови, машки шамичиња итн. Кај дел од производите постои блага интервенција во кројот, како асиметричните пораби. Неговиот ангажман подразбира дизајнирање на мотиви за ткаенините, изработка на предлог како ткаенината би била пласирана на самиот производ и испраќање на фајл во висока резолуција кој понатаму се користи за печатење на ткаенините. Се произведува парче по парче, според димензиите предложени во табелите за конфекциски величини. После извршената нарачка, во рок од четири до шест недели и без разлика за кој континент станува збор, производот се доставува лично на нарачателот.
-Додека го пишувам овие редови, испратени се и одобрени веќе 43 производи, спремни за нарачка и изведба. Досегашните дизајни се базирани на неколку теми. Првите предлози беа стилизации на дел од нашето културно наследство, како изготвените мотиви врз база на одредени глаголски букви, или златните маски од Требеништа. Постојано ме интригирала дизајнерската работа во која локалното може да се употреби за решенија кои можат да комуницираат глобално. Во нашата средина, тие ја имаат дополнителната емотивна вредност, во пошироки рамки тоа се убаво дизајнирани парчиња, кои функционираат и без познавање на конкретниот контекст од кои произлегле. Друга група на производи се базирани на мотиви од некои мои постари слики и цртежи. Токму во оваа група спаѓа топот „Орландо“, засега најпродаваниот мој производ кај „Вида“. Третата група се со печатења на дизајни направени ексклузивно за „оваа компанија. Инспирацијата за нив дојде од неколку извори, како историјата на текстилната продукција која се врзува за различни култури, колористички решенија кои произлегуваат од различни уметнички стилови и правци итн. Еден помал дел од решенијата за текстилен дизајн се базирани на фотографии од објекти, дел од моите патувања итн. Во следниот период, полека и следејќи го мојот ритам, ќе ги доработам следните 57 производи. Секој дизајнер има простор за 100 „живи“ производи на оваа платформа. Иако на ум ја имам свежината на решенијата, сепак, она што го сработив до сега се производи кои излегуваат од тесните трендовски рамки, производи кои би можеле да имаат подолг живот. Постојано додека работам, секое ново решение раѓа идеи за неколку следни, на моменти, во интерес на времето и просторот морам да се сопирам и дел од предлозите да ги сработам само ментално. Во секој случај, станува збор за убава авантура, која не би сакал насилно да ја ставам во рамка и сценарио, ќе оставам идеите како ќе се раѓаат, така да зреат, а потоа и материјализираат преку конкретни производи-вели тој.
„Вида“ е американска компанија со седиште во Сан Франциско, Калифорнија. Производството се одвива во неколку центри во САД, Индија, Пакистан и Шри Ланка. Покрај крајно коректната и транспарентна соработка,како што вели Ефтимов она што веднаш го привлекло да ја прифати понудата, е фактот дека дел од остварениот профит се одделува за бесплатно образование на работниците и нивните деца. „Вида“ е отворена за соработка со креативци кои припаѓааат на различни дисциплини, па ги охрабрувам и другите кои сакааат да влезат во слични авантури да си направат профил и ги изложат нивните решенија на продажба.
-Постојано низ мојата кариера сум се обидувал мојата работа да биде валоризирана и во пошироки контексти од локалниот, па оваа соработка за мене значи уште една потврда за мојот дизајнерски пат. Секако, иако е сè уште рано и во соработката со „Вида“ треба да се изодат доста чекори, ваквиот начин на пласирање на мојата работа на глобалниот пазар, покрај можноста таа да допре до широк круг на интернаиционални консументи, значи и потенцијална можност за соработка со други компании и сродни дејности во кои се вклучени текстилниот и модниот дизајн- вели тој.
Открива дека изминатиов периодов му било понуден нов предавачки ангажман за идниот септември, па следните месеци ќе ги договори деталите поврзани со оваа работа. Исто така, го продолжува процесот на работа на својата книга за историја на костим и мода. Станува збор за бавен процес, кој вели дека најверојатно ќе значи повеќедециска работа. Веќе се изведени уште неколку костими кои допрва треба да се фотографираат на модели.
Нема коментари