Минатата пролет, додека режисерот Љубиша Георгиевски ја финализира дефинитивната варијанта на неговиот текст за јубилејната претстава „Аферата Елсинор“, креаторот Никола Ефтимов добил покана да работи на дизајнот на костимите. Го прочитал текстот, и се разбира, веднаш одговорил позитивно, а смета дека ваквите искуства се многу значајни за секој дизајнер.
-На почетокот на минатата есен, се случија првите средби со господинот Георгиевски, на кои бев брифиран за неговата визија како би требало да се гради приказната од визуелен аспект. Голем беше предизвикот да се работи со ваков генијален ум и ерудит, секако и со импресивната актерска екипа. После периодот на првично осмислување на костимите, тие почнаа да се реализираат во текот на месец ноември, минатата година-вели креаторот.
>> Како што видовме на сцената, се работи за историски костими во микс со денешна облека…
-Претставата се состои од три чинови, секој од нив раскажан од различни ликови, кралот Клавдиј, кралицата Гертруда и Офелија. Чиновите беа визуелно спакувани на различни начини. Во првиот чин доминира црното, црно-белото и акценти на нијансите на црвената боја. Костимите се современи, за мажите костуми, за дамите црни фустани. Единствена трансгресија беа костимот на Полониј, поради неговата слоевитост, природа, но и како наговестување на вториот чин, во кој костимите беа историски и костимот на ликот на актерот, кој се спротистави на „ нормалноста” на костимите на современите дворјани. Костимите за вториот чин беа базирани на последната фаза од владеењето на кралицата Елизабета I, поради датациите на оригиналниот текст на Хамлет. Во овој транзиторен период од аспект на костимите, се стабилизирани елементите на она што во општата историја на костимите се нарекува доцноренесансен костим, со наговестувања на следниот стил – барокот. Дел од елементите на костимот присутни во последната фаза на владеењето на оваа англиска кралица ќе бидат актуелни и во периодот на Џејмс I и неговата сопруга Ана од Данска. Костимот на Хамлет во овој чин беше парафраза на дел од стереотипните визуелизации на овој лик. Она што мене ми беше битно во овој чин, покрај задоволување на стилистичките и естетски проблеми, изработката на костимите да биде на високо ниво, со голема саатница на рачна работа, сликање, вез и шиење. Дел од последниот чин е сместен во лудница, од аспект на костим решив да си играм со микс на трендовска облека и асоцијативни, распарталени и патинирани парчиња на кои се чувствува забот на времето. Овој пристап ми дозволи да иронизирам со „нормалноста” на дел од современата мода.
>>Колку слобода ти даде режисерот во твојот дел од работата?
-Убавината на работата на волку обемен проект, беше што режисерот беше крајно прецизен во барањата на оние елементи од костимот кои му значеа за градењето на претставата, но од друга страна ја имав и својата креативна слобода за да можам да се изразам.
>>Каква е разликата меѓу креирање облека и создавање костими за театарска претстава?
-Создавањето на модна понуда се базира на осмислување облека што припаѓа на различни категории, наменета за различни целни групи и за различни пригоди. Таа треба да комуницира со актуелниот дух на времето и да задоволи одредени критериуми за нејзиниот живот со корисникот. Костиморафијата е во функција на одреден сценски перформанс, таа помага да се догради ликот, да се изгради дизајнот на претставата, но во нејзината изведба треба да се размислува на други типови ограничувања, кои директно се врзани за театарската игра. Затоа и во дел од историските костими направив моделистички интервенции кои не ја попречуаваа играта на актерите. Се разбира, од аспект на методологија на проектирање, постојат сличности во дизајнот на облека и театарски костими.
>>Задоволен ли си од конечниот исход и од тоа како костимите се вклопија во дејствието?
-Иако бев исцрпен од процесот на изработка и избор на дел од современите костими, станува збор за триесетина костими, некои од актерите имаа три до четири промени, после првата костимска проба видов дека костимите функционираат одлично на белата и минималистичка сценографија на мојата колешка Мери Георгиевска. Од презентациски аспект на мојот дизајн, јас сум презадоволен од сработеното. За жал, таквите искуства во нашата земја се многу ретки. Од периодот кога костимите почнаа да се појавуваат на сцена, дел од нив беа доградени и модифицирани, за да уште повеќе се вклопат во дејствието, но и да не ја попречуваат играта на актерите. Работата на костимот е сериозен и долготраен процес, кој не завршува сè до последните проби на сцена.
Нема коментари