Првите денови од зимата на моден план почнаа во бело. На последната ревија за 2013 година на македонската модна сцена, беа претставени венчаници за наредната година. Класични, бели, романтични, со ретро-форма, но модерна изведба. Креаторката Тања Кокев, која само неколку недели по промоција на премиум-колекцијата повторно се врати во хотел „Александар палас“, за невестите во 2014 година вчеравечер понуди едноставност навезена со луксуз и девственост проткаена со сексапил.
Дизајнерката се придржува на невестинската класика, но вметнува и трендови, како помалку корсетирани модели, сè повеќе затворени деколтеа, минимализам и чисти форми, понежни тантели, кои се повеќе транспарентни од обично. Застапени се тешките здолништа од тежок сатен и свилени органзи. Кај новите модели акцент е ставен на разработката на кроевите во горните делови, бидејќи кај венчаниците нема многу простор за импровизација во здолништата. Покрај белата, низ креациите провејува и нежно-розова нијанса. Покрај неизбежните тантела и рачни везови, креациите се украсени со платнени цветови, бисери и кристали. Изгледот беше заокружен со модерна невестинака шминка од Зоран Шурбевски, соодветна фризура од Bube Studio in и накит од Sigma Jewelry.
Нема коментари