Фановите се збунија кога пред неколку недели на црвениот килим на предпремиерата на „Хобит“ во Велингтон, Нов Зеланд, актерката Еванџелин Лили се појави со кусо потстрижена коса. Згора на тоа имаше и светлобојадисани прамени. Новата фризура била личен избор на ѕвездата од серијата „Изгубени“, бидејќи сакала промена. Заради фризурата многумина не ни обрнаа внимание на кусиот розов фустан, целиот извезен со светкава мониста. По бурната реакција на медиумите по социјалните мрежи, беше јасно дека на премиерите на „Хобит: Пустошот на Смауг“ ширум светот, таа ќе биде мета за модни коментари.
Канадската актерка, која ја толкува елфката Ториел во второтo продолжение на серијалот „Хобиот“, во режија на Питер Џексон, а по книгата на Џ.Р.Р. Толкен, е новoто освежување во актерката екипа. Ова за нејзе е големо враќање, не само на големото платно, туку и на црвениот килим.
Неколку дена подоцна, на премиерата во Холивуд се појави со темна коса, собрана со вметната плетенка. На себе имаше креација од Кетрин Дин, во две нијанси на сива, со сребреникав тон.
За студените денови во Берлин Еванџелин Лили избра црна креација од тантела со потпис на италијанската креаторка Алберта Ферети.
На премиерата во Њујорк се појави во триколорна креација, со темносина, црна и бела боја, од Paper London. Изгледот го заокружи со обрач-обетки, лежено високособрана коса и минимална шминка.
Од вчера филмската приказна за авантурата на Билбо Багинс, Гандалф и 13-те џуџиња се прикажува и во Скопје, во кината „Синеплекс“ и „Милениум“. Во „Хобит: Пустошот на Смауг“, покрај Еванџелин Лили, главните улоги ги толкуваат Мартин Фриман, Ијан Мекелен,Кејт Бланчет и други. По успешното бегство од Магловитата планина, Торин и дружината се присилени да бараат помош од непознати, но моќни шумски жители кои ќе им помогнат да ја поминат Мрачната шума без Гандалф. Ако стигнат до населеното место Лејктаун, ќе му купат време на Билбо да го исполни договорот со џуџињата. Дружината мора да го заврши патувањето до Осамената планина и Билбо мора да ја пронајде тајната врата која ќе им овозможи пристап до златото на Смауг. А каде е Гандалф за сето тоа време? И која е неговата тајна задача која го однесе на југот?
Нема коментари