Одредени креативни професии дозволуваат порелаксиран моден стил, но и послободен изглед на деловните простории. Пример е работното катче на Мелиса Дејвис и женствената канцеларија на нејзината ПР агенција во Окланд, САД, која што може да ви послужи за инспирација доколку сакате шармантна, колоритна, но пред сè функционална канцеларија. Розевата, црната и златната боја се софистицираната колоритна шема употребена во просторот, а во кој исто така се мешаат модернистички парчиња мебел со делови пронајдени по антикварници и пазари.
Прво нешто што забележувате е дека уметничките слики и фотографии не се закачени за ѕид, туку потпрени на комода, што е тенденција во дизајнирањето на ентериери веќе некое време.
Секако дека е важно да го истакнете името или слоганот на фирмата, но тоа не треба да изгледа премногу нападно. Во прво време буквите ПР, кои ја означуваат главната дејност на компанијата, биле обоени во корпоративните бои на фирмата, но потоа Мелиса одлучила да ги направи во истата боја како ѕидот, што изгледа многу посимпатично.
На бирото постојано имаме ситни работи, документи, писма, моливи, ливчиња со пораки, спајувалки и што уште не… Сите овие нешта треба да ги органзирате, во спротивно бирото ќе изгледа неуредно. Но, наместо вообичаените пластични канцелариски материјали што ги има во повеќето канцеларии, изберете поелегантни парчиња – дрвен лакиран послужавник во кој може да ги организирате документите, кутија што може да ја обоите во омилената нијанса и која ќе ве служи за писмата, поканите и останатите потсетници, а за моливите и пенкалата изберете убава украсна или стаклена чаша.
Во елегантен тон се и останатите канцелариски алатки, а како контраст на белото биро и транспарентните детали е оваа светилка со златен елемент.
Обожаваме големи отворени простори, но понекогаш ни е потребно мирно катче за кус деловен состанок или средба со клиентите. Наместо ѕидови кои го гушат просторот, одредени места може да ги дефинирате со украсни паравини.
Собата со овој едноставен бел плакар од „Икеа“ добива нова димензија покрај двете саксии цвеќе со големи зелени листови и столче во марокански стил во интензивна боја. Ова е пример колку ефектно може да изгледа кога комбинирате едноставен мебел купен по достапна цена со малку зеленило и со неколку впечатливи или стари парчиња.
Нема коментари