Модните дизајнери и стилистите покажаа дека стилска складност може да се постигне и со две различни обетки и во колекциите за есен-зима 2016/17 понудија токму сугестии во кои овие модни детали се носат како распар. Всушност, „Баленсијага“, „Диор“ и „Ланвин“ овој распар стил го понудија и во претходните колекции, но се предвидува дека оваа тенденција ќе биде уште понагласена во претстојната сезона.
Трендот на неусогласени обетки може лесно да се примени – тоа може да се направи на суптилен начин ако изберете пар обетки со мали различности, или пак на сосема храбар начин со комбинирање на сосема различни обетки по форма и големина, но кои сепак се сродни и имаат заеднички стил. Или пак може да носите само една обетка, во тој случај стилистите предлагаат таа да е долга.
Каде да ги носите распар обетките? Доколку се со понежен изглед и со посуптилна разлика може да ги носите во секоја пригода, дури и на работа. Покрупните, повпечатливите и посмелите комбинации се наменети за забави, вечерно излегување и свечени пригоди, и во ситуации кога сакате да ја разиграте старата комбинација на облека со необичен накит.
Ќе трае ли овој тренд? Веројатно да, секогаш нè фасцинираат грешки и кршење на правилата, поготово кога носат возбуда и скриена привлечност. Потребно е само да го пронајдете распарот кој најмногу одговара на вашиот стил, возраст и пригодата.
Нема коментари